Објавената проза на Османли е дел од неговата широко афирмирана прозна збирка јудео-балкански раскази и новели насловена „Светилка за Ханука“. Таа за прв пат е публикувана во 2008 година, а деновиве е објавена новелата „Рабинот и искуството на жртвувањето“.
Новелата го следи внатрешното дијахрониско доживување на еден фиктивен лик, рабин на монастирлитската или битолската синагога од Њујорк, при неговиот лет од тој американски мегалополис до Ерусалим и претставува соочување на образуван духовник свртен кон книгите, со самото искуство на животот кое го следи и низ животот, а изненадувачки ќе го дочека и на неговата крајна патувачка дестинација. „Рабинот и искуството на жртвувањето“ е новела полна со историски податоци за смената на бурните времиња и во сефардска Битола и во библиската историја на Ерусалим знаменитите имиња на учените духовници од македонскиот град, автори на теолошки расправи и толкувања на светите книги, но и на прашањата што жестоко ги наметнува самиот живот.
Прозите од оваа прозна книга на Османли се преведени на голем број јазици и во повеќе средини, од Америка и Полска, до Србија, Хрватска, Белгија, Грција и Аргентина.
Списанието „Ламед“ е именувано според хебрејската буква „ламед“ (lamed) (ל) чија нумеричка вредност е 30, што е темпото на публикување на месечното издание на мултикултурното списание. „Ламед“ е списание на теми врзани за судбината и контроверзиите врзани за еврејството, но со најширок меѓународен опфат и со либерална ориентација и го носи поднасловот „Списание за љубопитните“ ,при што главниот уредник Иван Л. Ниниќ истакнува дека „Ставовите во написите не секогаш се совпаѓаат со мислењето на уредникот на Ламед“.