сабота, 27 јули 2024

Новата северноирска лидерка навести референдум за напуштање на Британија

Мишел О’Нил соопшти дека државата се соочува со „деценија полна можности“.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Мишел О’Нил, единствената ирска националистка што некогаш била назначена за премиер на Северна Ирска, изјави дека очекува во следните 10 години да се одржи референдум за ирско единство.

Во интервју за Скај њуз во неделата, О’Нил истакна дека нејзината кампања се заснова на тоа да биде „прв министер за сите“.

„Јас сум човек што сака да биде обединувач. Јас сум човек што сака да ги зближува луѓето“, нагласи таа.

На прашањето дали се согласува со изјавата на нејзината партиска лидерка Мери Лу Мекдоналд, дека обединетата Ирска е „на дофат на раката“, а не оддалечена со „децении“, О’Нил рече дека таа верува дека Северна Ирска е сведок на „деценија полна можности“.

„Има толку многу работи што ги менуваат сите стари норми: природата на државата, фактот дека еден националистички републиканец никогаш немаше шанси да биде премиер. Сето ова зборува за таа промена“.

Според условите на Договорот од Велики петок, потпишан меѓу владите на Британија и Ирска во 1998 година за ставање крај на децениското насилство, државниот секретар за Северна Ирска треба да повика на гранична анкета (референдум за обединување на Ирска) доколку „мнозинството од гласачите би изразиле желба“ Северна Ирска „да ја напушти Велика Британија и да ѝ се приклучи на една обединета Ирска“.

Во владин документ минатиот месец потпишан од ривалската Демократска унионистичка партија (ДУП) се наведува дека британската иднина на регионот ќе биде сигурна со децении и дека „нема реална перспектива за гранична анкета“. Сепак, О’Нил рече дека таа „апсолутно ќе го оспори она што британската влада го вели во документот“.

О’Нил, потпретседателка на националистичката партија Шин Фејн, победи на изборите во саботата. Таа рече дека победата „претставува нова зора“ за Северна Ирска и изјави дека нејзината цел е да постигне обединета Ирска.

О’Нил служеше како мандатар за премиер од мај 2022 година, кога групата што се залага за обединета Ирска се појави како најголема партија во 90-членото собрание на Северна Ирска (Стормонт) по изборите. Сепак, О’Нил беше спречена да ја преземе функцијата од ДУП, која го бојкотираше собранието во знак на протест поради правилата за тргување по брегзитот.

Пред О’Нил, на чело на владата на Северна Ирска беа 11 последователни унионистички лидери од формирањето на Стормонт пред 103 години.

Шин Фејн вели дека има цел да постигне обединета Ирска, додека ДУП сака таа да остане дел од Британија. Референдум за повторно ирско обединување може да се одржи само со одобрување од британската влада.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ