петок, 19 април 2024
Министрите за Европа на Германија, Франција и Полска во посета на Скопје

Нова тројка министри за нов обид за убедување на пратениците да гласаат за уставните измени

Објавено на

часот

Сподели

Министерката за Европа на Сојузна Република Германија Ана Лирман, државна секретарка задолжена за Европа при Советот на министри на Република Франција Лоренс Бун и Шимон Шинковски вел Сенк, министер за ЕУ на Република Полска, познати како „Вајмарска тројка“, денеска се во посета на Скопје, чиј домаќин ќе биде вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ. 

Како што информира Секретаријатот за европски прашања (СЕП), денеска Маричиќ ќе одржи работен состанок со „Вајмарската тројка“, а тема на разговор ќе бидат преговорите со ЕУ, со фокус на исполнувањето на обврските и задачите кои произлегуваат од преговарачката рамка и забрзувањето на евроинтеграцискиот процес, по што ќе имаат заедничка прес-конференција.

Во рамки на посетата „Вајмарската тројка“ ќе се сретне и со премиерот Димитар Ковачевски, со претседателот Стево Пендаровски и со претседателот на Собранието Талат Џафери и со координаторите на пратеничките групи.

Како што е најавено, утре министерка за Европа и за клима на Сојузна Република Германија Ана Лирман ќе учествува на настанот на тема: „Подготовка за проширување на ЕУ“, што го организира Секретаријатот за европски прашања, во соработка со Институтот за европска политика (ЕПИ). 

Министрите за надворешни работи на Австрија, Чешка и на Словачка, Александер Шаленберг, Јан Липавски и Мирослав Влаховски, од Скопје минатата недела порачаа дека интеграцијата во ЕУ треба да биде прашање на национален консензус и дека колку побрзо се донесат уставните измени толку побрзо земјата ќе стигне до ЕУ, додека предвремени избори би биле контрапродуктивни.

Посетата, нагласија, била информативна и во име на високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел, а состаноците со целиот политички спектар во земјава ги оценија како успешни.  Со сите со кои се сретнале, како што рекоа, покажале дека се проевропски и свесни за одговорноста дека ова е посебен момент во развојот на патот кон ЕУ.

Шефот на австриската дипломатија Шаленберг рече дека решението нема да дојде од Брисел, Виена, Прага или Братислава, туку може да дојде само од Македонија.

„Политички треба да се биде одговорен и пред се да се имаат предвид националните интереси. Моментот е сега и ве уверуваме дека не се мешаме во внатрешните работи на земјата. Нашата порака е едноставна и силна – тоа е порака на охрабрување, нема време за губење, би сакале да продолжите со потребните уставни измени за да почнете со преговорите за членство. Да се одложи усвојувањето на амандманите значи да се одложи пристапувањето на Северна Македонија. Би било штета Скопје, откако истрча еден тежок маратон да се сопне на следната пречка. Долг пат изминавме заедно и надминаме многу тешкотиии“, рече Шаленберг. 

Според него, сега е време кога треба стратешки да се размислува.

„Ова е и порака за нашите пријатели од Бугарија. Надминете ги билатералните прашања и исто така почнете да размислувате стратешки“, порача австрискиот министер за надворешни работи.

Неговиот чешки колега Липавски, посочи дека руската агресија врз Украина ја промени динамиката на процесот на проширување на ЕУ и земјава има голема можност да ја искористи оваа зголемена динамика, дури и оваа година под услов да ги усвои дополнувањата на уставот во однос на бугарското малцинство. 

Шефот на словачката дипломатија Влаховски, посочи дека интеграцијата во ЕУ треба да биде прашање на национален консензус. – Северна Македонија има единствена можност, ова да го покаже сега и треба да го искористи овој момент. Дефинитивно не треба да се пропушти, особено бидејќи нема друга алтернатива за да се напредува понатаму во однос на интеграцијата на ЕУ, истакна Влаховски. 

Евроамбасадорот Дејвид Гир во интервју за МИА во петокот, кажа дека доколку се спроведат уставните измени, тогаш следниот чекор ќе се случи автоматски, без можност за вето и дополнителни одлуки.

Во одговор на прашањето како да се дојде до компромис за уставните измени, Гир вели дека треба да се промени духот на дијалогот, за да се оди напред, не само, како што вели, за уставните измени, туку и за реформите.

„Гледаме дека во земјата има голема поларизација меѓу политичките партии. Скоро сите политички партии јавно кажуваат и повторуваат дека се посветени на патот кон Европската Унија. Сепак, кога се работи за практична соработка, да речеме околу законодавство, со што земјата би напредувала и би било од корист за граѓаните, таа соработка не ја гледаме“, нагласи Гир.

На прашањето дали е остварливо подобра преговарачка рамка и гаранции од Унијата дека Бугарија нема да стави нови блокади на европскиот пат, Гир вели дека договорот значи компромис, а во компромисот никој не е целосно среќен.

„Договорот ѝ овозможи на државата да ги остави проблемите од минатото зад неа и да се придвижи напред, фокусирајќи се на нештата на коишто навистина треба да се фокусира, како што се различните реформи, кои претставуваат брза лента до Европската Унија. Колку побрзо ги спроведете реформите, толку побрзо ќе станете дел од Европската Унија“, оценува Гир.

Во однос на блокади во иднина, тој вели дека не можете да гарантирате дека нема да има блокада во иднина.

„Но,наша задача е да се осигураме дека доколку има блокади во иднина, дека таа се јавува затоа што земјата не направила исчекор околу владеењето на правото, затоа што законодавството за животната средина не било спроведено, затоа што борбата со корупцијата не била доволна. Со други зборува, да не се фокусираме на билатералните прашања, туку на клучните реформи што се потребни за државата да може да стане дел од Европската Унија, тоа е нашата одговорност“, кажа Гир.

Додаде и дека и министрите за надворешни работи на Австрија, Чешка и Словачка, кои беа во Скопје го кажале истото, односно дека на почетокот од процесот на преговори можно е да има прилично изразени билатерални прашања, но со тек на време, вели, како што се движите на вашиот европски пат, тие остануваат зад вас и фокусот е таму каде што треба да биде – на реформите.

Прашан што ќе се случува доколку не се донесат уставните измени, Гир вели дека Унијата нема да исчезне, но, како што кажа, практичните последици од непридвижувањето на уставната промена би биле тоа што патот на земјава кон Европската Унија ќе биде одложен. 

Советникот на Стејт депарментот, Дерк Шоле, пак, во изјава за МИА вели дека е оптимист дека народните избраници ќе постапат во најдобар интерес на земјата и ќе ја водат напред.

Следниот чекор напред кон ЕУ, вели Шоле, зависи само од Македонија, а САД секогаш ќе бидат партнери на земјава со желба да стане силна европска држава, порачува високиот американски дипломат.

„Како динамични демократии ги избираме нашите претставници за да носат одлуки и да прават тешки избори. Иако демократскиот процес секогаш е пропратен со политички несогласувања и поентирање, вашиот избор не смее да биде на штета на клучните реформи и владеењето на правото. На крај, јас сум убеден дека претставниците на народот ќе постапат во најдобар интерес на земјата, и ќе ја водат напред“, наведува Шоле.

Бугарското МНР во меѓувреме излезе со став дека Бугарија нема нови услови за Република Македонија.

„Бугарија нема нови услови кон Република Северна Македонија. Напротив, таа искрено сака да го види својот сосед како напредува кон полноправно членство, преку успеси во реформскиот процес и напорите за градење добрососедски односи. Го очекуваме првиот чекор во овој процес, согласно обврските потпишани од Скопје во јули 2022 година – стапување во сила на измените на Уставот на Северна Македонија за граѓаните кои живеат на територијата на оваа земја и се дел од други народи, како што е бугарскиот народ, според внатрешните процедури“, се вели во соопштението на бугарското МНР.

Како што наведува министерството, основен принцип на меѓународното право е дека договорите мора да се почитуваат (pacta sunt servanda) и договорите мора да се спроведуваат, без разлика дали се мултилатерални или билатерални.

„Неспроведувањето на потпишаните договори ја поткопува довербата, конзистентноста и предвидливоста во односите меѓу државите и предизвикува одмазда. Отсекогаш очекувавме од нашите пријатели во Северна Македонија совесно исполнување на сите преземени обврски, а не обиди да се толкува дали процесот на европска интеграција бара нивно исполнување“, пишува во соопштението.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ