сабота, 27 јули 2024

Нова книга, „Лекцијата на месечарот“ на Фредерико Педреира

Неколку дена по одбележувањето на Денот на европските автори, издавачката куќа „Арс Ламина“ го промовираше последниот роман од проектот „Порта Европа“ – „Лекцијата на месечарот“ од португалскиот писател Фредерико Педреира. Во едицијата „Порта Европа“ застапени се македонски преводи на шест наслови од млади, но веќе етаблирани европски писатели – добитници на Европската награда за книжевност.

Објавено на

часот

Сподели

Книгата „Лекцијата на месечарот“, за која Педреира во 2021 година ја доби престижната наградата за книжевност, што ја доделува Европската унија, беше претставен пред македонската публика на онлајн-промоција, која може да се проследи на фејсбук-страницата на „Арс Ламина“. Во разговорот, покрај Педреира, се вклучија уредничката на книгата Бисера Бендевска и преведувачката од португалски јазик Весела Моловска.
Романот, кој е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, доби уникатен дизајн на корицата – дело на Катерина Соколова. Нејзиното идејно решение беше избрано за победничко на конкурсот за млади дизајнери во рамките на проектот „Порта Европа“.

Уредничката Бендевска истакна дека „Лекцијата на месечарот“ е раскошен билдунгсроман со автобиографски примеси, во кој во прво лице нараторот ни ја раскажува неговата трансформација од младо момче до зрел книжевник.
„Овој пристап, во прв момент, може да нè потсети на Џојсовиот „Портрет на уметникот во младоста“. Но, за разлика од класикот на Џејмс Џојс, сепак овој роман има своја оригинална структура. Во основата, овој роман се занимава со минатото и со носталгијата по детството на начин што е најблизок до Прустовиот амблематичен циклус од романи, „Во потрага по загубеното време“. Како што неименуваниот наратор во Прустовиот роман го става во погон дејството, премотувајќи го времето наназад, благодарение на мадлените што ги потопува во чајот, така неименуваниот наратор во романот на Педреира се враќа во своите детски денови во митската „зелена куќа“ на неговите баба и дедо, каде што постојано појадува потпечени торади со путер. Овој роман е составен од девет поглавја што немаат природен редослед, туку се фокусираат на раштркани сеќавања од минатото и не зависат едни од други во текот на дејството. Мноштвото ликови постојат единствено низ гласот на нараторот кој ги опишува и не комуницираат меѓу себе. Токму ова отсуство на дијалог и интеракција помеѓу гласовите (ликовите) ја претвора нарацијата во документ што е посличен на фикциска автобиографија, отколку роман на доживувања“, рече уредничката.
Писателот Фредерико Педреира изјави дека „Лекцијата на месечарот“ е автобиографска фикција.
„Всушност, не би ни можел да пишувам нешто, без да има автобиографска основа. Потребно ми е секогаш да тргнам од некаква приказна од мојот живот. Потребно ми е да почувствувам дека е вистинито, за да имам основа преку која ќе можам да ја проектирам својата имагинација. Но, оваа имагинација е секогаш заснована на меморијата, бидејќи таа е секогаш нарушување на реалноста, а процесот на меморијата секогаш вклучува реконструкција, па и јас работам од тој аспект. Има многу добри автори во полето на имагинацијата, но мене, бидејќи ми недостига онаа чисто фиктивна имагинација, мојот првичен гест е да се потпрам секогаш врз ковчегот полн со меморија“,рече Педреира.
Начинот на којшто пишува авторот може да се спореди со стилот на писателите во 19 и 20 век: со долги и сложени реченици, со многу апозиции, стилски фигури, длабока филозофија. Педреира вели дека тоа, меѓу другото, е своевиден пркос кон инстант-литературата на денешното време.
Фредерико Педреира е роден во 1983 година во Лисабон. Студира во Португалија и во Велика Британија, каде што се здобива со магистерска диплома на универзитетот „Ројал Холовеј“ во Лондон. Завршува докторски студии по книжевна теорија на Универзитетот во Лисабон. Работи неколку професии: новинар, преведувач и книжар. Има објавено десетина книги: шест поетски збирки, два романа, книга со кратки раскази и збирка есеи. Преведува дела од Јејтс, Луиз Глик, Честертон, Орвел, Дикенс, Свифт, Велс, Харди, Банвил и Вирџинија Вулф. Во 2021 година ја добива книжевната награда на Европската унија за романот „Лекцијата на месечарот“. Неговото поле на интерес вклучува философија на јазикот, книжевна критика, скептицизам, перцепција, филозофите Лудвиг Витгенштајн и Стенли Кавел и критичарот на уметноста Мајкл Фрид. Има живеено во Италија и во Франција.
Проектот „Порта Европа“ е кофинансиран од Европската Унија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ