сабота, 27 јули 2024
Дообјаснување

Нова изјава на Пендаровски: Кој нормален во вакво траорно време размислува за избори, нов мандат…

Откако денеска на прашањето дали размислува за нов мандат претседателот Стево Пендаровски кусо одговори НЕ, и откако од неговиот кабинет потоа даваа дообјаснувања, самиот Пендаровски вечерва даде нова изјава според која „кој нормален во вакви траорни времиња размислува за власт, избори, мандати“…

Објавено на

часот

Сподели

Тој вечерва пред почетокот на настанот „30 години дипломатски односи Северна Македонија – Франција“ на новинарско прашање во врска со денешната негова изјава околу кандидирањето за нов мандат, изјави дека во овој момент неговите мисли се насочени само кон последниот трагичен настан со двојното убиство кое се случи во државата.

„Прашањето на ваша колешка беше дали размислувам за втор мандат. Јас реков дека не размислувам и не знам кој нормален човек, граѓанин на нашава Македонија или политичар, во вакви траорни времиња низ кои поминуваме, може да размислува за власт, за избори, за мандати. Изборите се закажани за април и мај следната година и имаме доволно време по Нова година да размислуваме за тие работи“, рече Пендаровски.

Како што посочи, својот мандат ќе го изработи до крај, во согласност со потребите на граѓаните.

Инаку, Пендаровски денеска на прашање дали размислува да се кандидира за нов мандат на претседателските избори во април идната година, кажа кусо „Не“.

Од кабинетот на претседателот потоа за неколку национални телевизии се обидоа да дообјаснат дека одговорот бил директен на прашањето „дали размислува за нов мандат“. 

„Премногу е рано да се даде таков одговор. Сѐ ќе зависи од поддршката на граѓаните и на партиите. Претседателот во моментов е фокусиран на работата за која го плаќаат граѓаните“, кажале од кабинетот.  

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ