вторник, 10 декември 2024

(Н)ова (И)сториска (Ш)анса

Објавено на

часот

Сподели

Ништо освен победа против Чешка не е во мислите на избраниците на селекторот Звонко Шундовски. Иако атмосферата падна по наивниот пораз од Германија, нашите ракометари го вратија позитивниот филм. Шундовски го затвори последниот тренинг, по кој не кажа дали ќе изненади со нова тактика или само психички се надмудрува со противникот. Лек за големиот Филип Јиха не нашле многу подобри одбрани од нашата, но вечерва ако сакаме успех, играчот на Кил мора да биде запрен.

„Јиха е две третини од тимот на Чешка. Мора да најдеме начин да го сопреме. Ќе биде тешко, тој е можеби моментно најдобриот европски ракометар, но ако тој е на дистанца, сме завршиле голема работа. Се надевам дека одбраната ќе продолжи како и на првите два дуели, само ние во нападот да се подобриме – да ги реализираме нападите кога имаме играч повеќе и зицер-ситуациите да не се пропуштаат. За пеналите и контрите и да не зборувам“, вели Наумче Мојсовски, плејмејкерот на нашиот тим, кој високо котира на листата на играчи со загубени топки – го дели третото место со вкупно осум загубени топки на двете средби.

 

Калкулации многу, сега и ЕХФ ни е симпатична

 

Има многу калкулации за тоа како Македонија би одела во вториот круг – со три бода, со еден бод, дури и без бодови, но едно е сигурно – за тоа да се случи, вечерва Чешка мора да падне!

Никој не сака да признае, но „омразената“ ЕХФ, која на мечот со Германија беше почестена со скандирање „мафија“, сега сите ја гледаме како сојузник. Одамна се „исплетени“ тезите дека на раководството од Виена не му одговара празна белградска „Арена“ во вториот круг (Чесите ама ич не се палат на ракомет), па затоа „ветер во грб“ ќе добијат нашите ракометари, сè со цел Белград да биде преплавен со најмалку 7.000 македонски навивачи. Но есапот дома и на пазар не е ист, па затоа Лазаров и другарите мора самите да се изборат за триумф не чекајќи помош од никого. За тоа треба да заборават на сè досега, да играат како првенството сега да почнува, зашто навистина, поразот од Германија ништо нема да значи ако денеска ја совладаме Чешка.

А дека националниот тим не ни е лош покажува и објавената статистика за првите две кола од континенталното првенство. Голманот Петар Ангелов со одбраните и Кире Лазаров со головите и асистенциите се наоѓаат во најдобрите на шампионатот. Но статистиката е точен збир на неточни податоци што секогаш секому може да му одат во корист…

Ниш денеска повторно ќе се обои во црвено-жолто, кафеаните и улиците ќе бидат полни со распеани Македонци, а дали по неколку децении повторно ќе се пее „Нишка бања, топла вода, дојдовме по двата бода“ ќе се знае вечерва околу 22 часот.

Едно е сигурно – ова е (Н)ова (И)сториска (Ш)анса за македонскиот спорт.

Од Ниш, Златко Крстевски

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ