Катастрофален меч одиграа избраниците на Игор Гочанин, со само два добри минипериоди во мечот, па поразот беше неизбежен, со кој сега сме петтопласирани во групата и против Романија за два дена ќе биеме битка „да се биде или не“ во разигрувањето од 7.-12. место. Голема шанса пропушти Македонија, која тргна фантастично во дуелот со домаќинот. На средината на првиот дел имавме 4-1, но тука застанавме. Ниту добрите одбрани на Далибор Перчиниќ не беа доволни за да се задржи водството до полувреме.
Холанѓаните успеаја да се вратат и да покажат дека не се лесен плен за нас. Со два разлика почнавме во третата четвртина и тоа беше сè. Тјерк Крамер одигра симултанка кога требаше, ја врати Холандија во игра. Домаќинот на крајот на периодот стигна до прво водство и тоа потоа не го испушти.
Четвртата четвртина беше само мачење на нашите ватерполисти, додека секој кикс домаќините го користеа паметно. Не ни дадоа шанса да се вратиме во игра и заслужено си обезбедија три дена одмор на ЕП. Македонија ја оставија против незгодната Романија да се бори за да разигрува за ЛОИ и СП. А наместо тоа, можевме ние да одмораме и да се подготвуваме за подобриот од дуелот Шпанија – Турција.
Вака, потребна ни е победа над Романија, па потоа со Хрватска да се избориме за пласман на ЛОИ и СП. Според Стефан Пулејковски, генсекот на федерацијата, деветтото место од ова ЕП води на Мундијалот в година. Но, како што играа ватерполистите, и тоа е недостижно, од овој поглед.
Дуелот со Романија е в среда од 14 часот.