вторник, 25 јуни 2024

Нов невропсихијатриски оддел со 26 болнички кревети во Општата болница во Гостивар

По речиси една година од почетокот на работите за подновување и реконструкција, денеска беше пуштен во употреба невропсихијатрискиот оддел во Општата болница „Ферид Мурад“ во Гостивар.

Објавено на

часот

Сподели

Првиот човек на оваа здравствена установа, Илбер Адеми посочи дека одделот бил единствениот не реновиран од изградбата на болницата. Според него, пациентите и медицинскиот персонал добиваат попријатен простор за престој и лекување.

„По преземањето на директорската функција, добив барање од медицинскиот персонал на овој оддел и по увидот, решив да се сменат работите. Болничките соби, тоалетите и ординациите не беа на задоволително ниво. Одлучивме и на управен одбор со првите собрани средства да се прејде на целосно реновирање“, изјави директорот.

Во реконструкцијата на одделението биле вложени близу четири милиони денари, пари издвоени од буџетот на болницата.

Благодарност во името на персоналот искажа и шефот на одделот, доктор Гзим Исмаили, кој напомена дека и покрај недостигот од лекарски персонал, се трудат да им излезат пресрет на пациентите.

„Секој ден во просек имаме околу петнаесетина пациенти кои се лекуваат. Вложуваме голем напор да ги згрижиме кај нас и да не препраќаме во Скопје, освен кога се работи за потешка патологија, кои не можеме да ги третираме. Работиме со двајца невролози и тројца психијатри, а тоа, не е доволно. Потребни ни се барем уште толку“, рече Исмаили.

Невропсихијатриското одделение во гостиварската болница има капацитет од 26 болнички кревети и ги покрива услугите од секундарното здравство на подрачјата на општините Гостивар, Врапчиште и Маврово-Ростуше.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ