Андреас имаше одлична серија на скокови, натпреварувањето го започна со 7,71 метри, во втората серија имаме неуспешен обид, додека во третата и четвртата серија следуваа скокови од 7,81 и 7,86 метри. Во петтата серија имаше скок од 7,53 метри и во последната серија прескокна 7,91 метри. На ова натпреварување Андреас дури три пати го собори досегашниот национален рекорд.
Овој резултат на Андреас му донесе 1118 бодови според табелата на Светска атлетика и ќе му придонесе за нов скок на Светската и Европската ранг листа. Во овој момент, Андреас е 22-ри на Европската ранг листа и 70-ти на Светската ранг листа во дисциплината скок во далечина.
„Многу сум среќен, немам зборови. Тренирав навистина напорно оваа сезона и мојата напорна работа се исплатеше. 7,91 метри е одличен резултат, иако тоа не беше совршен скок. Да имав совршен скок и добар одраз од даската за скокање ќе беше над 8 метри. Нормата за учество на Европското првенство во атлетика е 8 метри и наскоро треба да ми биде на дофат! Верувам во себе и со напорна работа ќе се оствари“, изјави Андреас Трајковски после натпреварот во Хетинген.
Одличните настапи ни покажуваат дека Андреас се наоѓа во одлична форма и се надеваме дека ќе успее да се квалификува на Европското првенство во атлетика кое ќе се одржи во Рим следната година.