„Конгресот ќе има отворен и работен дел, ќе се разговара за идните, нови политики на партијата. Се очекува да биде избрано и новото раководство на партијата, нови членови на највисоките тела, Централниот одбор и на Надзорниот одбор. На почетокот ќе има отворен дел од конгресот. Медиумите ќе имаат можност за фото и видео инсерти, а ќе може да се проследи и обраќањето на претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче. Потоа продолжува работниот дел од конгресот“, информираше вчера Богданка Кузевска, портпаролка на СДСМ.
На конгресот треба да биде избран и нов заменик-претседател на партијата. Според Статутот на СДСМ потпретседателот на партијата го избира Централниот одбор, што значи дека прво треба да биде избран ЦО. Актуелна потпретседателка на СДСМ е Сања Лукаревска. Неофицијално, Филипче за заменик-претседател ќе ја предложи Фани Каранфилова-Пановска, која долго време е активна во граѓанскиот сектор, а беше и директор на Фондацијата Отворено општество-Македонија.
По последните несогласувања на истакнати членови на партијата со политиката на Филипче, извесно е само дека никој од актуелните звучни имиња на СДСМ нема да биде дел од новото раководство на партијата.
Со новите лица Филипче треба да ја консолидира партијата, да го врати и обедини членството, да ја преземе улогата на главна опозициска партија и да ѝ парира на ВМРО-ДПМНЕ на претстојните локални избори, за помалку од една година.