сабота, 27 јули 2024

Нов бран протести во Белград, синоќа беше блокиран автопатот

Објавено на

часот

Сподели

Масовните граѓански протести се поттикнати од двете масовни пукања од почетокот на мај кои ја потресоа целата земја. Во белградското основно училиште „Владислав Рибникар“ 13-годишен ученик го уби чуварот и девет соученици, а рани уште шест и една наставничка. Ден подоцна во две села во близина на Белград 21-годишник уби осум лица, главно млади, и рани 14 луѓе.

На почеток на протестите повика опозицијата, но собирите прераснаа во граѓански бунт на кој се придружија невладините организации, здруженија и движења, а ги поддржуваат и глумци и некои универзитетски професори и научници.

Во Белград синоќа со споро возење во две колони со автомобили беше блокиран дел од автопатот од наплатните рампи во насока од границата со Хрватска и од насока на Ниш, а блокадата заврши кај Сава центар во Белград.

Демонстрантите во Нови Сад ги блокираа сите шест ленти во двете насоки на автопатот од Белград до Суботица, со еден инцидент кога автомобил со унгарски дипломатски таблички се обидел да ја пробие блокадата, но соочен со решителноста на демонстрантите се откажал.

Претставниците на опозицијата истакнаа вчера дека целта на блокадата е предупредување дека барањата на граѓаните на протестот „Србија против насилството“ мора да бидат исполнети.

Демонстрантите бараат смена на министерот за внатрешни работи и шефот на Безбедносно-информативната агенција и смена на советот на националниот регулатор за електронски медиуми (РЕМ) и врвот на јавниот телевизиски сервис РТС.

На листата барања е и гасење на провладините таблоиди кои пропагираат и поттикнуваат насилство, омраза и неморал и одземање на националните фреквенции на две телевизии и укинување на ријалити програмите со кои се промовира насилство.

Нов протест е закажан за денес, а најавено е дека поворката од пред српското собрание ќе тргне кон седиштето на комерцијалната телевизија Пинк, која, покрај телевизијата Хепи, е на листата барања за укинување на националните фреквенции.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ