четврток, 17 октомври 2024

Нов АСНОМ: Со пресудата на Судот за правда дискриминацијата на Македонците во ЕУ е озаконета

Со пресудата на Судот за правда во Луксембург, со која судот се прогласи за ненадлежен за македонското прашање во Бугарија, дискриминацијата на Македонците во Бугарија и во Грција е озаконета во Европската Унија. Со ова решение на судот европските институции се ставiја на страната на Бугарија, која ги крши основните човекови права на Македонците, изјави денеска Сашо Маневски, претседателот за организацијата Нов АСНОМ.

Објавено на

часот

Сподели

Оваа организација, заедно со македонската дијаспора и адвокатска канцеларија од Париз, пред две години поднесоа претставка до Европската Комисија против Бугарија. Од таму одговорија дека се ненадлежни. Следниот чекор беше тужба до Судот за правда во Луксембург, како суд на ЕУ. На 19 март од судот е добиена пресуда дека и тие се ненадлежни. Тужбата против Европската Комисија е поднесена од Македонскиот клуб за етничка толеранција од бугарскиот град Благоевград, инаку забранета организација во Бугарија. Ова е прв правен случај внатре во ЕУ пред Судот за правда во Луксембург што се однесува на кршење на фундаменталните права на Македонците во Пиринска Македонија.

На тужбата беа приклучени и 14-те пресуди на Судот за човекови права во Стразбур на Советот на Европа, чии пресуди не секогаш значат дека тужената земја има обврска и да ги спроведе. Пресудите на Судот за правда во Луксембург се обврзувачки за земјите членки на ЕУ.

„Ова беше добар тест за правото во ЕУ. Во тужбата се повикавме на правото на слободно здружување на граѓаните на земјите членки на ЕУ. Европскиот суд за човекови права констатира прекршување на ова право кое е содржано и во Повелбата на фундаменталните права на граѓаните на ЕУ. Но на 25 јули Судот за правда се прогласи за ненадлежен. Со ова се покажа сета хипокризија во работата на Европската Комисија и Европската Унија, двојни стандарди, лажни вредности. Правото на здружување не важи само за Македонците во Пиринска Македонија. Нашиот заклучок е дека Договорот за добрососедство со Бугарија и Преспанскиот договор се основа за оваа дискриминаторска политика на ЕУ кон Македонија. Ова треба добро да го изанализираат и нашите политички елити, партиите ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ“, изјави денеска Маневски.

Следниот чекор е поднесување тужби во бугарските судови на сите нивоа, отворање на серија судски процеси кои ќе бидат повторно решени против интересите на Македонците во Бугарија и со целата таа документација повторно да се отвори случај во Луксембург, пред Судот за правда.

А.Д.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ