недела, 20 октомври 2024

Норвешката полиција: Китот „руски шпион“ Хвалдимир не бил застрелан, како што велат активистите

Нема докази дека е убиен познатиот кит белуга кој живеел во близина на норвешкиот брег и за кој се сомневало дека е руски шпион, соопшти норвешката полиција, пишува Си-би-ес. Минатата недела групите за заштита на животните тврдеа дека кит по име Хвалдимир бил убиен.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Питомата белуга, која првпат беше забележана во 2019 година недалеку од руските води со појас на кој пишуваше „Опрема од Санкт Петербург“, беше пронајдена како лебди во заливот Рисавика во јужна Норвешка на 31 август. Експертите го прегледале трупот во блиското пристаниште, откако го подигнале со кран.

Групите за заштита на животните Уан веил и НОАХ минатата недела пријавија во полиција дека раните на животното укажуваат дека е убиено. Регина Хауг, основач на Уан веил, изјави дека според трупот се гледа дека китот бил застрелан. Но тоа не е заклучок на ветеринар.

Полицијата соопшти дека Норвешкиот ветеринарен институт извршил прелиминарна обдукција на Хвалдимир. „Нема обдукциски наоди што би покажале дека Хвалдимир бил застрелан“, се вели во соопштението на полицијата.

„Повеќето видливи рани на животното биле целосно површни, а едната била малку подлабока, но не била фатална и не зафатила витални органи“, велат од полицијата.

Рентген снимката не покажа проектили или индикации дека раните може да се предизвикани од истрели од огнено оружје, се вели во соопштението.

Меѓутоа, во устата на животното е пронајден стап долг околу 35 сантиметри и широк 3 сантиметри. Стомакот му бил празен, а органите скапани, соопшти полицијата која не соопшти повеќе детали.

„Нема ништо во истрагите што беа спроведени за да се утврди дека човечка активност директно довела до смртта на Хвалдимир“, рече Преде Ревхајм, шеф на одделот за Северно море и за животна средина на полицијата во југозападна Норвешка. Тој рече дека полицијата нема активно да го истражува случајот и дека конечниот извештај од обдукцијата ќе биде објавен подоцна овој месец.

Хвалдимир првпат им пријде на норвешките бродови во април 2019 година во близина на островот Ингоја, на околу 415 километри од Мурманск, каде што се наоѓа руската Северна флота. Русија има историја на обука на морски цицачи, како што се делфините, за воени цели.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ