На интернет страницата Ервижуал, која го следи квалитетот на воздухот во големите и главни градови во светот, Скопје малку по 10 часот се наоѓа на 21-то место. Пред Скопје нема ниту еден град од Европа, барем не на оваа листа што ја составува од час во час Ервижуал.
Тоа значи дека иако за скопски услови состојбата со загадувањето не е алармантна, сепак е показател дека во главниот град на Македонија воздухоте е далеку од чист и дека главната улога на „пречистувач“ ѝ се остава на природата.
Се чини дека природата не може да дејствува еднакво низ сите населби, па така во дел од Ѓорче Петров и во дел од Кисела Вода во правецот кон Драчево воздухот е и натаму загаден и е на нивото на загаденоста во Струмица.
Но синоќа, околу 21 часот, Скопје кое беше длабоко потонато во магла, се најде на 12-то место во светот според неквалитетот на воздухот.
Но ако се погледат податоците на Ервижуал и на домашната интернет страница Пулс еко, ќе се види дека во поедеини населби воздухот беше екстремно загаден, дефиниран како „опасен“. Па така на пример, во Ново Лисиче индексот на квалитетот на воздухот беше 355, (види илустрација веднаш долу) додека во тој момент, во најзагадениот град Кабул, Авганистан, (види ја фотографијата погоре) индексот беше 357.
Во исто време, индексот на просечната загаденост во Скопје беше со помала вредност од индексот на загаденост на воздухот во Кавадарци и Струмица, каде воздухот беше опасен за дишење.
Останува да се чека работите на добро да ги завршат дождот и ветерот.
П.Џ.