вторник, 18 март 2025

Њујорк тајмс за големиот протест во Белград: Најголемиот предизвик за властите во последните 30 години

Студентското протестно движење во Србија, според Њујорк тајмс, собра повеќе од 100.000 луѓе на големите мирни улични демонстрации во саботата во главниот град Белград, пркосејќи на предупредувањата од жестоко оспоруваниот лидер на земјата дека повеќемесечните немири излегуваат од контрола и стануваат насилни.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

На протестот во саботата, најголемиот израз на незадоволство во Србија во последните децении, му претходеше бран предупредувања од претседателот Александар Вучиќ и неговата моќна медиумска мрежа дека демонстрантите планираат насилни напади за да предизвикаат „граѓанска војна“ и да ја преземат власта, потсетува американскиот весник.

Опозициските политичари, како што додаваат, дополнително го засилиле чувството на загриженост тврдејќи дека добиле информации од внатрешните кругови на безбедносните служби н Србија за апсење на политичките противници на Вучиќ.

Меѓутоа, протестот кој започна пред зградата на српскиот парламент и набрзо го преплави центарот на градот, помина без поголеми инциденти, посочува Њујорк тајмс.

Поддржувачите на претседателот Вучиќ, како што се додава, се собраа во парк во близина на парламентот и фрлаа камења по студентите. Сепак, стравувањата дека властите ќе ангажираат воени ветерани и фудбалски хулигани со врски со организираниот криминал за да ги тепаат демонстрантите – како што се случувало во минатото – не се остварија.

Белградската полиција објави дека на протестот учествувале 107.000 луѓе, додека студентите на Факултетот за драмски уметности во Белград, кои помогнаа во организирањето на собирот, го проценуваат бројот на собраните луѓе на 800.000.

Зборувајќи на прес-конференција доцна во ноќта, Вучиќ го опиша протестот како „голем собир со огромна негативна енергија кон властите“. Тој кажа рече дека 56 лица се повредени, но никој сериозно, и ги пофали неговите безбедносни служби за, како што рече, спречување на планираното насилство.

Неговата влада, додаде тој, „ја разбра пораката“ на демонстрантите и „ќе мора да се промени“. Сепак, тој не прецизираше какви промени би можеле да следат, само рече дека „граѓаните не сакаат обоени револуции“, користејќи термин измислен од Кремљ за народни востанија во поранешните советски републики како Украина, оценува американскиот весник.

Свесен за судбината на поранешниот проруски украински претседател Виктор Јанукович, кој беше насилно урнат од власта во 2014 година, Вучиќ засега избегнува насилни конфронтации со студентите, иако се забележани поединечни напади од неговите поддржувачи.

Прашан за големиот протест, исто така, одржан во соседна Унгарија во саботата против премиерот Виктор Орбан, Вучиќ рече дека и двата протести имаат „ист потпис“, алудирајќи на неговите тврдења дека Западот организира кампања на немири за соборување на популистичките лидери во регионот.

Протестите во Србија, кои се проширија низ целата земја и ги зафатија градовите кои претходно силно го поддржуваа Вучиќ, почнаа во ноември откако 15 лица загинаа кога се урна бетонска стреа на реновирана железничка станица. Студентите и опозициските политичари – кои драматично протестираа во парламентот минатата недела со палење ракети и димни бомби – за одговорни за ова трагедија ги сметаат компаниите поврзани со корумпираните функционери н власта и лошите градежни работи, потсетува Њујорк тајмс.

Додека студентите се фокусирани на конкретни барања поврзани со катастрофата, вклучително и гонење на одговорните и разрешување на министрите кои го надгледувале реновирањето, политичките противници на Вучиќ во парламентот бараат формирање „преодна влада“ која би ги надгледувал новите избори.

Претходните избори, одржани под надзор на владејачката Српска напредна партија, беа обележани со изборна измама и доминација на државните медиуми, што во голема мера ја спречи опозицијата да ја пренесе својата порака до гласачите. Вучиќ изјави дека е подготвен да распише избори, но ја отфрли можноста за „преодна влада“ во која би учествувала опозицијата.

Како што протестите добиваат замав и привлекуваат поддршка многу пошироко од студентските кампуси, кои се блокирани со месеци, тие сè повеќе се насочени директно против Вучиќ. Многу демонстранти сега бараат негова оставка, па дури и затворска казна.

За време на протестот, собраните одржаа 15-минутен молк во спомен на жртвите од несреќата на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември 2024 година.

„Уапсете го Вучиќ“, скандираа демонстрантите во саботата. „Готов е“, пишуваше на некои транспаренти.

Политичката криза во Србија претставува предизвик за новата администрација на Соединетите Американски Држави.

За време на мандатот на претседателот Џо Бајден, САД се обидоа да го привлечат Вучиќ и да го оддалечат од традиционално блиските врски на Србија со Русија, но беа критикувани од опозицијата дека биле преблагиот однос кон српскиот лидер.

Администрацијата на Доналд Трамп не покажува знаци на дистанцирање од Вучиќ. Во вторникот Вучиќ се сретна со синот на претседателот, Доналд Трамп Помлдиот, кој беше во ненајавена посета на Белград. Охрабрен од укинувањето на агенцијата УСАИД од страна на Трамп, која финансираше групи кои документираа изборни измами и други злоупотреби во Србија, Вучиќ минатиот месец испрати полиција да изврши рација во канцелариите на невладините организации во Белград, кои тој ги обвинува за поттикнување на незадоволството, заклучува Њујорк тајмс.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ