Откако ќе победат на избори и ќе се вселат во Белата куќа, многу американски претседатели во одреден момент прекршуваат некое свое предизборно ветување. Доналд Трамп не чекаше толку долго. Тој прекрши едно важно предизборно ветување веднаш штом ја положи заклетвата.
Трамп во текот на есента постојано даваше едно сензационално, но неверојатно ветување со длабоки геополитички последици: ќе договори крај на војната во Украина во рок од 24 часа. И не само за 24 часа – тоа ќе го стори и пред да ја положи претседателската заклетва, пишува Њујорк тајмс.
„Дури и пред да влезам во Овалната соба, кратко откако ќе победам на изборите, ќе ја решам ужасната војна меѓу Русија и Украина“, вети Трамп на митинг во јуни. „Ќе го решам ова дури и пред да станам претседател“, рече тој за време на телевизиската дебата со Камала Харис во септември. „Ќе ги средам Русија и Украина додека ја чекам инаугурацијата“, рече тој повторно во поткаст во октомври.
Ова не беше избрзан коментар, ниту беше кажан еднаш. Ова беше неговиот главен аргумент кога станува збор за најголемата копнена војна во Европа од падот на нацистичка Германија. Сепак, тој не само што не го исполни своето ветување, тој не вложи ни сериозен напори да ја реши војната по изборната победа во ноември, а борбите сѐ уште беснееја во понеделничното попладне кога новоизбраниот претседател Трамп повторно стана претседателот Трамп.
„Војните не можат да се решат со бомбастични изјави“, рече сенаторот Ричард Блументал, демократ од Конектикат, во интервју. „А алката што недостасува во неговото размислување е неразбирањето дека Украинците ќе прифатат решение само ако се силни на преговарачката маса. Тој всушност ја поткопа нивната позиција и тоа е една од причините зошто не постигна решение пред инаугурацијата“.
На господинот Трамп, се разбира, преувеличувањето не му е непознато. Дрското тврдење дека тој може лесно, брзо и сам да ја запре војната со пукање со прсти беше доследно на долгогодишниот имиџ „сам-можам-да-го-средам-тоа“ што Трамп сака да ѝ го претстави на јавноста.
Но постојано во текот на речиси една деценија во националната политика, реториката стана реалност и грандиозните ветувања паѓаа во вода. И додека другите претседатели платија цена кога прекршија некое ветување (прашајте го Џорџ Х. В. Буш за даночното читање од усни, Трамп само граба напред без очигледни последици.
Тој, на пример, не го изгради целосно својот граничен ѕид, а уште помалку го принуди Мексико да плати за него. Тој не го избриша дефицитот на федералниот буџет, ниту го намали националниот трговски дефицит. Тој не скова постојан мир меѓу Израел и Палестинците, за кој рече дека „не би бил толку тежок како што мислеа луѓето низ годините“. Не го укина и замени Обамакер. Тој не го поттикна економскиот раст на „4, 5, па дури и 6 проценти“.
Токму месецов, Кит Келог, новиот специјален пратеник за украинската војна, ги одложи плановите за патување во Киев и во други европски градови за да почне да ја истражува ситуацијата до инаугурацијата. Тој за Фокс њуз изјави дека се надева дека тоа ќе го реши во рок од 100 дена, што ќе биде 100 пати повеќе од она што првично го вети Трамп, дури и ако успее.
„Тоа беше апсурдно ветување“, рече Кетрин Стонер, виша соработничка на Институтот за меѓународни студии Фримен Спогли на Универзитетот Стенфорд. „Единствената личност што може да ја заврши војната за 24 часа е Владимир Путин, но тој можеше да го стори тоа пред многу години. Какви било преговори ќе траат повеќе од 24 часа без разлика кога Трамп ќе го навие часовникот.“
Мајкл Кимаџ, автор на книгата „Судири“ (Collisions) за руско-украинскиот конфликт и новоименуван директор на институтот Кенан, рече дека предизборните ветувања на Трамп секогаш биле давани „многу лабаво“ и дека можеби повеќе се работи за испраќање сигнали отколку за прецизно толкување.
„Неговите цели со оваа реторика можеби се да ја предупреди владата дека неговиот пристап кон Русија и војната ќе биде различен од оној на Бајден, дека неговата клучна цел е да ѝ стави крај на војната, а не да ѝ овозможи на Украина да победи и дека тој ќе биде главен, а не длабоката држава, која ги вкопува САД во вечни војни“, објасни Кимаџ.
На прашањето зошто Трамп не го исполнил своето предизборно ветување дека ќе ја заврши војната пред неговата инаугурација, Каролин Левит, новата прес-секретарка на Трамп во Белата куќа, не одговори директно, туку наместо тоа повтори дека тоа ќе му биде „главен приоритет во неговиот втор мандат“.
По изборите во ноември, Трамп се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски и најави средба со Путин по инаугурацијата. Републиканскиот конгресмен од Флорида, Мајкл Валц, кој треба да стане советник за национална безбедност на Трамп, во неделата истакна дека завршувањето на конфликтот во Украина останува главен приоритет за новиот претседател.
Но размислувањето што Волц неодамна го изнесе на Си-би-ес звучеше како формула за процес што би можел да потрае: „Клучните делови од него: број еден, кого да седнеме на масата? Број два, како да ги натераме да седнат на масата? И потоа три, кои се рамките на договорот? Претседателот е јасен: оваа војна мора да заврши. Мислам дека сите треба да се согласат со тоа“.
Дури и ако сите се согласат со таа цел – а има простор за сомнеж – можните услови остануваат трнливи. Дури и ако се претпостави дека членството во НАТО не е во план, Украина сака сериозни безбедносни гаранции од САД, а и од Европа, особено ако е принудена да се откаже од својата територија.
Потоа, тука се прашањата за отштетата и последиците. Кој ќе плати за обновата на Украина? Што ќе се случи со потерниците на Меѓународниот кривичен суд за Путин и други руски функционери? Дали САД и Европа ќе ги олеснат санкциите воведени по инвазијата и под кои услови? Кој ќе ја надгледува линијата на раздвојување и што ќе се случи доколку се прекрши примирјето?
Трамп јавно не се занимаваше со таквите прашања. Сепак, тој изрази загриженост за жртвите во Украина и итност да се најдат одговори, какви и да се тие. „Дел од поентата – а ова може да укаже на општата насока на дејствување на неговата администрација – можеби е тоа што тој нема сценарио и затоа зборува на начини што замаглуваат, а не откриваат што е вистинското сценарио. Колку помалку знаеме што планира, толку повеќе тој може да импровизира“, вели Кимаџ.