Во декември генералниот секретар на НАТО Марк Руте изјави дека Русија долго време не води прикриена, туку отворена војна против земјите на НАТО. Тврдењата на Руте уследија по извештајот на ОБСЕ што покажа дека Русија извршила приближно 150 напади врз земјите на НАТО од почетокот на војната во Украина. Овие напади вклучуваат сајбер-напади врз железници, болници, ГПС-системи и водоводни мрежи. Извештајот, исто така, нагласува хакирања, саботажи и закани за воените објекти и подводната инфраструктура.
Потеклото на операцијата со запаливите уреди датира уште од летото кога на аеродромите и магацините во Германија, Велика Британија и Полска почнаа да се палат навидум безопасни товарни пратки. САД и Европа беа убедени дека Русија стои зад овие инциденти.
До август, според Њујорк тајмс, претставниците на Белата куќа станале сè позагрижени за разузнавачките извештаи дека Москва планира многу поширока операција – пренесување на војната од Украина на американско тло.
За време на серијата состаноци во Кризната соба, високите советници на претседателот Џо Бајден ги анализирале пресретнатите комуникации меѓу високи функционери на руската воена разузнавачка служба ГРУ. Во овие дискусии се опишувале пратки на потрошувачки стоки што се запалиле, вклучително и мал електричен масажер што се користел како уред за тестирање.
Откако Русите сфатиле како пакетите се движат низ безбедносните системи на воздушниот товар и колку долго траел превозот, следниот чекор бил да ги испратат овие предмети на летовите до САД и Канада со цел да предизвикаат пожари откако ќе се истоварат пратките.
Товарните авиони биле примарна грижа, иако и патничките летови понекогаш носат помали пакети во багажниот простор.
Во август, американскиот министер за внатрешна безбедност Алехандро Мајоркас воведе построги мерки за проверка на товарните пратки што влегуваат во САД, според Њујорк тајмс. До октомври, по повеќекратните предупредувања, тој извршил притисок врз извршните директори на големите авиокомпании да ги забрзаат мерките за спречување катастрофи во текот на летовите. Некои од овие безбедносни мерки беа јавно објавени, а други останаа во тајност.
Зад затворени врати, претставници на Белата куќа се обиделе да утврдат дали рускиот претседател Владимир Путин лично го наредил планот за саботажа или не бил информиран за него. Неколку официјални лица сугерирале дека диверзантските дејства би можеле да бидат дело на офицерите на ГРУ, кои дејствуваат според општа директива за зголемување на притисокот врз САД и нивните сојузници во НАТО.
Според извори на Њујорк тајмс, предупредувањата на крај му биле доставени на Путин и се чини дека имале ефект. Пожарите во Европа престанале, барем засега. Сепак, останува нејасно дали Путин лично наредил прекин на операциите и колку долго ќе трае затишјето. Постои можност Русија да го искористила ова затишје за да развие понапредни уреди, кои потешко ќе се откријат при идни диверзантски напади, заклучува американскиот медиум.