среда, 23 октомври 2024

Њујорк: Демократот Том Суoци замени републиканец во Претставничкиот дом на САД

Кандидатот на Демократската партија на Џо Бајден победи на синоќешните избори во Њујорк и освои место во Претставничкиот дом, каде што ќе го замени републиканецот исфрлен од Конгресот поради низа лаги и обвинувања за корупција.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Со оваа победа на Том Суоци над републиканецот Мази Пилип, демократите го намалија тесното републиканско мнозинство во Претставничкиот дом, каде досега 219 места имаа републиканците, а 212 демократите.

Том Суоци, кој претходно беше претставник од 2016 до 2022 година, ќе го замени републиканецот Џорџ Сантос до следните избори во ноември. Искусниот 61-годишен политичар рече дека е среќен што „победил“ и покрај кампањата на „подмолни удари“ и „лаги“, особено за миграциската криза која го дестабилизира Њујорк повеќе од две години.

Повторувајќи ги темите од претстојната претседателска кампања меѓу Џо Бајден и Доналд Трамп, Суоци и Пилип расправаа за прашањата на имиграцијата и абортусот.

Суоци ќе го замени Сантос во Конгресот, кој беше исфрлен од Претставничкиот дом во декември поради обвинувања за корупција и злоупотреба на средства во кампањата. За неговото исклучување гласаа околу стотина републиканци и 200 демократи.

Сантос претходно беше обвинет за проневера на средства од својата кампања, лажење на Конгресот за изворите на своите приходи и мамење за да добие незаслужени бенефиции за невработени.

Во обвинението се наведува дека Сантос ги охрабрил своите гласачи да му донираат пари, уверувајќи ги дека парите ќе бидат искористени за поддршка на неговата кампања. Наместо тоа, велат обвинителите, тој ги потрошил на себе – купувајќи скапа облека и отплаќајќи кредитни картички и рати за кредит со кој купил автомобил.

Сантос е обвинет и дека лажел за своите финансии на официјални документи на Конгресот и дека аплицирал за накнада за невработени (која ја добил) додека бил регионален директор на инвестициска компанија која државата ја затворила во 2021 година, по обвинувањата дека се работи за т.н. Понзи шема, пирамидална измама.

Џорџ Сантос (34), кој ги надувал своите финансиски приходи и ја разубавил својата биографија, призна дека измислил добар дел од својата биографија.

Овој конгресмен, кој себеси се опиша како „остварување на американскиот сон“, беше обвинет и дека лажел за својата верска припадност, тврдејќи дека е „горд на своето еврејско потекло“ иако пораснал во католичко семејство. Против него се водат неколку истраги, во Конгресот, во Њујорк, па дури и во Бразил.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ