сабота, 27 јули 2024

Ниту жалбите не им помогнаа, Судскиот совет ги делегираше истите судии, чии решенија ги укина Врховниот суд

Судскиот совет денеска донесе неколку одлуки за времено упатување на шест судии за вршење на судиска функција во друг суд од нивното место на живеење. Станува збор за судиите кои поднесоа приговор во врска со решенијата за делегирање на Судскиот Совет кои Врховен суд ги укина бидејќи не содржеле доволно образложени и прифатливи причини за едно такво одлучување.

Објавено на

часот

Сподели

Од Судскиот совет велат дека овој пат причините за делегирањето на судиите ќе бидат образложени согласно законските одредби во кои ќе бидат утврдени сите релевантни факти и околности за одлучување при упатување на судија да суди во друг суд.

Судскиот совет денеска повторно одлучи судијката Билјана Ивановска од Основен суд Струмица да биде делегирана во Основен суд Берово, судијата Кирил Стојановски од Основен кривичен суд Скопје да биде делегиран во Основен суд Прилеп, Фросина Стојановска да биде делегирана од Основен кривичен суд Скопје во Основен суд Прилеп, а од истиот суд судијата Ахмет Идризи да биде делегиран во Основен суд Кичево, Андреа Апостолска Малиноска од Основен граѓански суд Скопје да биде делегирана во Основен суд Кичево и Пајтин Машкули од истиот суд во Основен суд Струга. 

Претходно, исто така, беа делегирани судиите Маја Катериниќ од граѓанскиот суд Скопје во Основен суд Куманово, Костадин Георгиев од Струмица во судот во Делчево, Иван Колевски од Битола во судот во Прилеп и Јордан Јованов од граѓански суд Скопје во Основниот суд Струга.

На денешната седница беа разрешени и повеќе судии поротници од Основен кривичен суд Скопје, поради истек на мандат, како и по сопствени барања, а беа разгледувани и извештаите за редовното оценување на судии и претседатели на судови.

Претходно, шест нови судии денеска дадоа свечени изјави пред Судскиот совет.  Овие судии ќе работат во Основниот граѓански суд Скопје и Основниот кривичен суд Скопје, а доаѓаат од редот на кандидатите на Академијата за судии и јавни обвинители.

Свечена изјава за Основен граѓански суд Скопје денеска во Судски совет потпишаа судиите Ирена Митреска, Драгана Илиовска и Сања Томиќ Велкоски.

За судии во Основен кривичен суд Скопје свечена изјава потпишаа Лиљана Миланова, Влатко Сековски и Надица Митреска.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ