Во изјава за медиумите дадена денеска по литургијата во Соборниот храм во Скопје, Сиљановска-Давкова рече е должна да ги почитува Уставот и законите.
„Објаснив дека не сум законодавец, нема да предложам решение, не сум Уставен суд, значи нема да го оценувам преку ветото, само упатив повик уште еднаш да се разгледаат членовите 9 и 10 и уште еднаш да се размисли дали ваквиот начин на полагање и добивање на лиценца нема да внесе или да отвори простор за дискреционо овластување. Не сум јас пристрасната, туку партиите кои посегаат по квалификации. Јас само тргнав од еден ноторен уставен и правен факт дека најпрво во самиот закон има одредба во која се вели дека меѓу остантото начинот на полагањето и начинот на издавањето на лиценците се уредува со акти на министерот. Во членовите 9 и 10 има одредби што мислам дека треба парламентарниот состав да ги преобмисли“, изјави Сиљановска-Давкова.
Она на што укажува, како што појасни, е и тоа што во предложеното законско решение, формулацијата најмалку 20 проценти, не е како што е во Уставот и законите.
„Ако пратениците одлучат да го задржат ова решение, јас ќе морам да го потпишам законот, но не мислам дека ова е намерно, претпоставувам дека дошло до превид“, изјави Сиљановска-Давкова.
За нејзината постапка, како што рече, ја информирала Владата и надлежните министри.
По непотпишувањето на указот од страна на претседателката, од Владата информираа дека законот ќе се доработи и ќе се достави во Собранието во закониските ркови.
Денеска и премиерот Христијан Мицкоски во изјава за медиумите го потврди ова.
„Како што сум информирам станува збор за членовите 9 и 10 и тие така што се формулирани се спротивни на Уставот и на Законот за јазиците така што мислам дека е рутина и формалност. Ќе бидат корегирани и ќе бидат согласно Уставот и Законот за јазици и очекувам дека успешно ќе бидат усвоени. Мислам дека малку несмасно е тоа направено. Тоа е една формулација којашто ќе се надмине. Инаку се знае дека службен јазик на целата територија на државата е македонскиот јазик, но сите оние кои ќе побараат и на албански да биде формуларот за полагање, тоа сега ќе биде прецизно формулирано согласно Уставот и законите и ќе биде овозможено“, изјави Мицкоски пред Соборниот храм во Скопје.