сабота, 27 јули 2024

Ниту една лопата не е фрлена, а Македонија на „Бехтел и Енка“ ќе треба да им исплати 300 милиони евра, тврдат од ВМРО-ДПМНЕ

Објавено на

часот

Сподели

Проценката на партијата, според она што го има добиено како конечен договор од свиркачи, проектот за изградбата на делови од коридорите 8 и 10д ќе чини повеќе од две милијарди евра, а не 1,3 милијарди како што информираа од Владата.

Според анализата на ВМРО-ДПМНЕ на договорот, уште пред да се почне да се копа на која било делница од овие коридори, Македонија презеде голем број обврски и пенали во врска со реализацијата на договореното. Така на пример, брифираат од ВМРО-ДПМНЕ, само за подготвителните работи и за менаџирање на проектот до 22 април веќе требаше да бидат исплатени 167 милиони евра.

На страница 427 од договорот предвидени се пеналите од неносењето на промените во Законот за работни односи за 60 часовна работна недела. Ако овие измени не се случат за 45 дена (на 8 март е потпишан договорот, што значи дека рокот е веќе поминат), завршувањето на проектот се продолжува за најмалку 6 месеци. А ова значи и казна од 53 милиони евра која треба да се плати до 6 мај.

Од ВМРО-ДПМНЕ трврдат дека во делот 16 од договорот има ставки за кои воопшто не е дефинирана цената односно пишува ТБД (to be defined). Станува збор за трошоци за релокација на постоечки објекти на трасите, за системот за телекомуникации, за звучни бариери, за системот на контрола на сообраќајот, за изградба на патарини, за електрификација и осветлување на патот и на тунелите, за вентилација на тунелите и за противпожарна заштита… За сите овие ставки цената допрва ќе треба да биде дифинирана. Во сумата од 1,3 милијарди евра, која што е „пријавена“ во договорот не се пресметани и трошоците за експропријација, кои ќе изнесуваат околу 300 милиони евра.

Во анализата на партијата се споредија и некои цени кои биле дефинирани при градбата на автопатиштата Демир Капија-Смоквица и од Миладиновци до Штип. За површински ископ на еден кубен метар земја со транспорт до 3 километри, „Бехтел и Енка“ ќе наплатат 5,36 евра, пишува во договорот. Компанијата „Гранит“ за истата работа неодамна наплатила 2,33 евра за кубен метар со вклучен транспорт до 15 километри. Ископот на потповршинска земја „Бехтел и Енка“ ќе го наплатат по 8,95 евра за кубен метар додека „Гранит“ за истата работа наплатил само 4 евра за кубен метар.

Или еден километар автопат од грчката компанија „Актор“ чинел 6,6 милиони евра, а „Бехтел и Енка“ ќе наплати 20 милиони евра за 1 километар автопат. Понудата на кинеската компанија „Синохидро“ за автопатот Миладиновци-Штип беше 4 милиони евра за 1 км автопат.

На брифингот на ВМРО-ДПМНЕ присуствуваше претседателот и потпретседателот на партијата Христијан Мицкоски и Владо Мисајловски.

Тие велат дека ваков договор на македонските влади од страна на „Бехтел и Енка“ им бул нуден уште од 1999 година, но ниту една влада, сѐ до оваа на Ковачевски и Груби не прифатила договор под вакви невозможни услови.

Од партијата го потенцираа и фактот кои пратеници предложија законски измени кои Македонија ги презеде како обврска со потпишувањето на договорот со „Бехтел и Енка“. Измените се предложени од пратеници, а не од Владата, па се отвора прашањето како овие пратеници знаеле за содржината на договорот, кој според Владата, е деловна тајна. Меѓу пратениците има доктор, педагог, психолог, ликовен уметник, професор по физичка култура…

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во ниту еден дел не учествуваа во донесувањето на законските измени поврзани со договорот за „Бехтел и Енка“, истакнаа од партијата.

                                                                                                                                                                                                                                                                                                                                              А.Д.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ