сабота, 27 јули 2024
Штетните наративи на партиите

Ниска култура на политичка комуникација, висок процент на депресивни граѓани

Предавници, апаши, криминалци, „небањати“, „северџани“… се најчестите зборови со кои политичките конкуренти или се етикетираат едни со други или им ги наметнуваат на своите симпатизери во политичката борба за или да се остане или да се освои власта. Лажни вести, полувистини, дезинформации, манипулации и игра на зборови се секојдневие во политичката комуникација и сето тоа пласирано преку медиумите и социјалните мрежи. Анксиозност, депресија, самоубиствени нагони, отуѓување од стварноста, особено кај младите, се последиците од таквата политичка комуникација и ширењето страв, паника, безизлезност, согласни се комуниколозите и социолозите со кои разговараше МКД.мк анализирајќи ги речникот и пораките што политичките конкуренти ги праќаат до јавноста. Сепак како најкарактеристичен пример како штетен наратив во политичката комуникација во последно време ќе остане онаа помеѓу лидерот на Левица и пртеник, Димитар Апасиев и претседателот на државата, Стево Пендаровски.

Објавено на

часот

Сподели

Власта на заминување прави епска пљачка од 46 милиони евра за ископ на јаглен, ќе обвини потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, гостувајќи во радиоемисија, зборувајќи за тендерот што РЕК Битола ѝ го доделил на компанија Марковски.

Лидерот на политичката партија Левица, Димитар Апасиев, пак, на својот фејсбук-профил ќе сподели статус на својата партија во кој ќе го обвини градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, дека е „шеф на урбаната мафија“, затоа што изгласаниот Детален урбанистички план (ДУП) за општината бил „катастрофален“. При тоа, Апасиев не дава ниту еден аргумент зошто неговата партија тврди дека Стојкоски е на чело на таа урбана мафија.

Фото: Левица

Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, пак, токму советниците од Левица во Советот на општина Ѓорче Петров ќе ги нарече „најобични популисти“ и „лажови од светски калибар, кои за пари не 20-катници, 60-катници ќе стават“ во ДУП-от на општината.

И ова се само три примери од мноштвото такви од секојдневната комуникација помеѓу политичките конкуренти, кои во обид или да останат или да ја освојат власта не избираат ни начин ни средства како да го направат тоа ширејќи штетен наратив.

Наместо натпревар на идеи, битка за струполување на политичкиот конкурент

Комуникологот Бојан Кордалов вели дека не може да се издвои една техника или механизам со кои политичарите најчесто се користат во борбата против своите политички конкуренти.

Се користат буквално сите методи по кои може да се посегне. Единствено што на политичките претставници им е приоритетно е да се нападне противникот и да се прикаже дека другиот е полошата варијанта. И во ваквата борба наместо приоритетот да биде ставен на граѓаните, на нивните потреби, тие да креираат мерки и политики, се слуша само дека политичкиот противник е катастрофа. Со една реченица, во Македонија, па и во регионот, место натпревар на идеи и предлози за тоа која партија ќе оди понапред во поддршката од граѓаните, битката е како вашата политичка конкуренција да ја турнете подолу од вас, а со тоа вие да останете на истото место или помалку да паднете, но да изгледа дека сте подобри“, вели Кордалов.

Фото: Приватна архива/Бојан Кордалов

Универзитетскиот професор во пензија Илија Ацевски вели дека во политичката комуникација и етикетирањето на конкурентот најчесто станува збор за непотврдени вести, полувистини, игра на зборови, па дури и лажни вести, дезинформации и манипулации, нешто што може да предизвика сериозни последици.

Потврда за ова Ацевски наоѓа во неговото неодамнешно истражување, во кое анализирал 30 часа телевизиска програма и 100 страници објавени текстови во пишаните и во онлајн-медиумите.

Предавници, апаши, криминалци се најчестите непримерни зборови во речникот на политичките противници, особено на оние од највисоките ешалони и на власта и на опозицијата. Ваквиот начин на мерење на силите преку ширење лажни вести, дезинформации, манипулации и игра на зборови го убива поимањето дека живееме во нормално општество. Ова делува поразително врз целото општество, а последиците се несогледливи“, вели Ацевски.

Со таквиот начин на комуникација, вели Ацевски, граѓаните престанале да разликуваат што е лажна вест, а што вистина.

Ние не правиме разлика што е лажна вест, а што вистина, особено кога се зборува за криминал. Затоа сметам дека секој политичар или функционер за кој ќе се докаже дека ширел лажни вести или се служел со дезинформации или манипулации треба да се осуди и да му биде забрането да се занимава со политика“, вели Ацевски.

Така, пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Рашела Мизрахи обвинувајќи го поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски дека во неговото министерување се случиле скандали за кои нема ниту разрешница ниту одговорност, меѓу другите ќе ги спомене случаите со сообраќајната несреќа кај Ласкарци и оној со издавањето пасоши без основа и соодветна процедура на странски државјани барани преку Интерпол. Но ова тврдење на Мизрахи не е точно, затоа што и за двата случаи веќе има судски пресуди.

Гнида, вошка, ушмркан психопат, познат речник меѓу политичарите 

Сепак како најкарактеристичен пример како штетен наратив во политичката комуникација во последно време ќе остане онаа помеѓу лидерот на Левица и пртеник, Димитар Апасиев и претседателот на државата, Стево Пендаровски.

Апасиев, јавно упати пцост до Пендаровски на почетокот на јули 2022 година кога откаковчера беше објавен таканаречениот модифициран француски прелдог како услов за започнување на преговорите за членство на Македонија во Европската Унија (ЕУ), а за кој Пендаровски изјави дека е „далеку подобар за нас во споредба со претходниот“.

„Пендаровски,пи.ка ти матер“, напиша Апасиев на својот фејсбук профил.

На ова, во одговор на новинарско прашање претседателот Пендаровски го нарече Апасиев креатура, гнида и ушмркан психопат кој „не е со сите“.

„Тој тип минатата година ја пцуеше Радмила Шеќеринска и отприлика знам за каква креатура се работи ама не верував дека ќе дојде во ситуација да ми пцуе почината мајка. Мојата мајка е почината пред 10 години, таков став може да искаже или ушмркан, или му фали нешто у глава. Јас стварно мислам дека тој психопат не е со сите што може вакви изјави да постира на социјалнте мрежи, ова е преседан. Тврдам дека ниеден европски политичар јавно не пцуел мртов родител на друг колега. На Балканот тие работи, особено ако имаш нешто меѓу нозе ги кажуваш у очи. Тој немаше храброст да ми каже во живо туку се крие во некој подрум и од таму ги упатува пораките за сечење, бесење. Од друга страна што да очекуваш од еден гнида од човек да дојде и да ти каже во очи кога знае кои се консеквенците, не само јас туку секој нормален човек за псовка кон починат родител нема да прости и знае што ќе добие. Преку глава ми е од такви тастатура патриоти и големи македонски мажиња кои не туркаат во обратна насока од демократија и европските вредности“, изјави Пендаровски.

На ова повторно реагираше Апасиев нарекувајќи го Пендаровски „вошка предавничка“.

„Претседателската вошка Пендаровски ме нарекол ‘гнида’ на прес!?“, напиша Апасиев во јули 2022 година.

Фото: ФБ профил/ Димитар Апасиев

Наративот дека политичкиот конкурент не го бидува е загубено време

И не само техники или механизми, актерите на политичката сцена не ги избираат ниту каналите за ширење штетни наративи, објаснува комуникологот Кордалов.

Не се избираат ниту канали, ниту средства. Во фокусот е само власта. Останување или доаѓање на власт. Секој простор што се смета дека може да се ‘запоседне’ за негативна кампања, и особено за црна пропаганда, се користи, посебно за време на предизборна и изборна кампања. Од собраниска говорница, преку теренски настани, дебати во медиуми до социјални мрежи“, констатира Кордалов.

Тој потенцира, како што вели, уште една мошне важна работа – дека наративот дека политичкиот опонент не го бидува е загубено време и попусто потрошени секунди слика или текст.

Бидејќи сите што евентуално решиле да ве слушаат или да ве читаат што имате да соопштите знаат и очекуваат дека не се сложувате со противничката страна. Инаку би биле во истата политичка партија или коалиција, се разбира. Ако граѓаните се решат и ви посветат внимание да ве слушаат, тоа е затоа што очекуваат излез или решение, ваша порака, но и што конкретно преземате за да се реши проблемот и да биде подобро за сите луѓе“, категоричен е Кордалов.

Според резултатите од последното истражување на Институтот за комуникациски студии (ИКС), политичките актери во Македонија и медиумите се соучесници во креирањето „стварност“ што е исполнета со штетни наративи.

Мониторингот и анализата на партиската јавна комуникација покажува дека во јавниот дискурс застапен на интернет-страниците и објавите на социјалните медиуми на политичките актери во Македонија преовладува реторика во која се изнесени наводи за корумпираност, нетранспарентност, неотчетност, непрофесионалност, злоупотреба на службената должност, без обид за поткрепа на тие тврдења. Непроверени наоди се користат како основа за обвинување политички противници, за развивање штетни наративи на популизам, поткопување на довербата во институциите, пристрасно селектирање податоци, што доведува до погрешни заклучоци и поттикнување општествено-политички поделби во јавноста. Анализата покажува дека партиите најмногу штетни наративи ‘произведуваат’ кога комуницираат преку соопштенија за јавноста, без разлика дали се пласирани на интернет – или на фејсбук-страница, а потоа следуваат прес-конференциите, говорите на политичарите… Во фејсбук-објавите забележано е и дека се користат слики, видеа и аудиозаписи што се креирани со цел да ја доведат јавноста во заблуда дека нешто е реалност и вистина, ама не е, и чија невистинитост може да се докаже, со цел да се развиваат штетни наративи со манипулативна аудиовизуелна содржина, пристрасно селектирање, напад на личноста и демонизација, како и ширење паника и страв“, пишува во истражувањето на ИКС.

Дополнително, покажуваат резултатите, загрижувачки е трендот на користење на официјалните владини канали на комуникација за партиска пропаганда, односно објавување партиска содржина на фејсбук-профилите на премиерот и министри од Владата.

Штетниот наратив е поопасен и од војна

Анксиозност, депресија, отуѓување од стварноста, дури и самоубиствени нагони, особено кај младите луѓе, се последиците од штетниот наратив на партиите, согласни се експертите што ги консултираше МКД.мк анализирајќи ги речникот и пораките што политичарите ги праќаат до јавноста.

Во социјално-социолошки експеримент што го направил професорот Ацевски, во кој разговарал со млади луѓе на возраст од 17 до 20 години, заклучил дека тие не можат да воспостават основен контакт со средината во која живеат. Последица на тоа е, вели тој, констатирана состојба на разочараност, анксиозност, депресија.

Тој посочува на резултатите од последното истражување на менталното здравје на младите организирано од Филозофскиот факултет, а спроведено од Националниот младински совет на Македонија (НМСМ).

Податоците за менталното здравје на младите се загрижувачки и покажуваат дека голем дел од нив имаат проблеми со депресија, стрес, анксиозност и суицидални мисли, а огромен дел од нив имаат поголема потреба за нега и грижа за менталното здравје, покажало истражувањето.

Според истражувањето на Филозофскиот факултет, 64 отсто од младите имаат проблеми со депресија, 55 отсто имаат проблеми со стрес, 58 отсто имаат проблеми со анксиозност, 56 отсто имаат суицидални мисли, а 67 отсто имаат поголема потреба за нега и грижа за менталното здравје. Само 27 отсто сметаат дека општеството ги перципира позитивно, покажало истражувањето.

Фото: Пиксабеј

Ацевски вели дека разорувањето на општеството почнало уште во деведесеттите години, со почетокот на транзицијата, но по Шарената револуција па до денес го достигнала врвот без притоа да се смени речникот на политичарите и изнесувањето лажни вести или дезинформации.

Поголемо осакатување на својот народ не сум забележал. Ова е многу поопасно и од војна. Се плашам дека ова е вовед во нешто уште порадикално, што ќе донесе поголемо зло“, заклучува професорот Ацевски.

Дел од одговорноста за ваквата состојба Ацевски лоцира и во медиумите, кои, како што вели тој, пренесуваат сѐ што ќе кажат политичарите и функционерите.

Според Истражувањето на ИКС, известувањето на онлајн-медиумите изобилува со голем број содржини со штетни наративи.

Во онлајн-медиумите доминира едностраното информирање. На тоа се надоврзува и поводот за објавување на прилогот, каде што приматот го имаат таканаречените псевдонастани, односно настани што се креирани за да привлечат медиумско внимание. Најчесто тоа се партиски конференции за печат, изјави на политички актери и слично. Анализата од следењето на медиумските содржини кај телевизиите покажува дека со приближувањето на датумот за избори се заострува реториката на политичките актери и бројот на изјавите што содржат штетни наративи. Политичките актери што доминираат во ваквите прилози најчесто доаѓаат од најголемите политички партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, што може да значи две работи, дека тие се најчестите креатори на ваквите наративи или дека помалите партии не добиваат подеднаков простор во главните вести на телевизиите“, пишува во истражувањето на ИКС.

Искра Опетческа

Овој текст е изработен во соработка со Институтот за комуникациски студии во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада во Скопје.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ