четврток, 13 јуни 2024
Елени Стаматуку

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Ништо од машините без човечката мудрост

Не треба да заборавиме дека секогаш кога вештачката интелигенција е таа која произведува вести по претходна команда, новинарот, уредникот и главниот уредник секогаш ќе бидат тие кои ќе го имаат последниот збор.

Сè до неодамна, успехот на еден извештај, истражување, па дури и на едноставните вести во медиумите во Грција се оценуваа исклучиво според бројот на кликови и споделувања, без притоа да се води сметка за точноста, квалитетот (содржината, граматиката итн.) на текстот и за ексклузивноста на извештајот.

Во голем број на грчки медиуми, од причини предизвикани поради намалениот буџет, не постојат уредници кои би биле задолжени за проверка на текстовите, па поради тоа уредувањето и проверката на фактите на текстовите што се објавуваат се препуштени на искуството на соодветниот новинар.

„Трката“ по кликови и споделувања (бидејќи тие ќе донесат повеќе реклами и на тој начин ќе обезбедат опстанок на медиумите) ги натера грчките медиуми да користат разни техники како што се „мамки за кликнување“ или, во најлош случај, лажни вести, кои само за момент можат да го одвлечат вниманието на читателите, што понекогаш предизвикува нивно незадоволство.

Доколку погледнеме каква е ситуацијата во други земји, ќе забележиме дека големите медиумски компании користат стратегии за AI SEO [search engine optimization] со цел да го надградат и да го направат попопуларно нивното известување. Лабораторијата за нови технологии во комуникацијата, образованието и мас-медиумите при Факултетот за комуникации и студии за масовни медиуми на Националниот и Каподистриски универзитет во Атина креираше иновативна платформа наменета за грчките новинари и редакции.

SEO: дополнителна „вештина“ за новинарите

Со намалувањето на тиражите на печатените изданија, странските издавачки компании од Обединетото Кралство и САД инвестираа во нивните електронски изданија. Во таа смисла, за да привлечат поголем број на читатели, тие воведоа свој дел во кој уредниците на содржината за SEO се занимаваат исклучиво со тоа како една статија ќе може да се рангира што е можно повисоко на листата на пребарувачите за да го привлече интересот на повеќе читатели.

SEO уредувачот на содржина им помага на публикациите да креираат интересни и информативни текстови кои се оптимизирани за на интернет, правејќи ги притоа повидливи во пребарувачите. Исто така, овие луѓе помагаат во таргетирањето на одредени читатели, региони, па дури и платформи и на тој начин да се придобијат повеќе реклами.

Голем број на компании од автомобилската дејност, од медицинските услуги итн., ангажираат експерти за SEO оптимизација во своите маркетинг одделенија.

Сега, пак, вештачката интелигенција му доаѓа напомош на SEO така што овозможува алгоритми кои се информираат преку машинско учење. Карактеристично е тоа што платформите за SEO кои користат вештачка интелигенција ги забрзуваат задачите што одземаат многу време, а кои се неопходни за оптимизација. Иако овие алатки можеби изгледаат паметни, тие не можат да го заменат искуството и мудроста на човечкото суштество.

„За да може вештачката интелигенција да генерира корисни препораки, таа треба да биде поттикната од некој што разбира SEO, пишува вишиот SEO оптимизатор Хелен Полит во дневните американски вести Search Engine, фокусирајќи се на дигиталниот маркетинг, технологијата за рекламирање и Мартек пејзажот.

Полит вели дека разговарала за проблемот со инженер кој се обидувал да реши прашање поврзано со индексирање. Инженерот го користел и ChatGPT за да дојде до решение пред да стапи во контакт со тимот за SEO оптимизација.

„За жал, без разлика што и да му кажаа на ChatGPT во врска со проблемот што се обидуваа да го решат, ChatGPT и понатаму продолжуваше да го дава истиот совет – а тоа беше решение против кое морав да реагирам“, нагласува Полит.

Квалитетна машина за вести која користи вештачка интелигенција

Лабораторијата за нови технологии во комуникацијата, образованието и мас-медиумите ја воспостави „iQJournalism,“ иновативна платформа која има за цел да им помогне на новинарите да креираат квалитетни и, во исто време, „успешни“ текстови за социјалните мрежи.

Идејата за проектот започна со докторската теза на д-р Катерина Сотираку, која е и раководител на истражувањето.

Лабораторијата има спроведено значајно истражување во врска со перцепцијата за квалитетот на новинарските текстови, што во голема мера зависи од расудувањето и од степенот на задоволство на читателот. Таа обезбеди голем број на публикации и истовремено го забележуваше однесувањето и оценувањето на читателот во однос на нив.

Дополнително, правејќи анализа на текст и користејќи техники за машинско учење, истражувачите се обидоа да најдат корелација помеѓу карактеристиките на еден текст и евалуацијата на читателот. Врз основа на нив, „iQJournalism“ ќе ги води новинарите во реално време во пишување на успешен и, во исто време, квалитетен текст и ќе го подобри неговото дисеминирање.

Координаторот на проектот и научен директор на Лабораторијата, вонреден професор Константинос Мурлас, во интервју за грчкиот медиум Business Daily во месец септември, посочи дека оваа новинска агенција ќе биде првата организација што ќе го користи iQJournalism на пилот основа, со амбиција потоа да се прошири во неколку редакции во Грција.

„Вештачката интелигенција може да го олесни животот на новинарите и да ја забрза дигиталната трансформација на медиумите во нашата земја“, нагласи Мурлас.

Светлата и темната страна на вештачката интелигенција

Секако дека вештачката интелигенција може да им помогне на медиумите да го забрзаат своето работење. Таа може да ги пронајде сите популарни зборови во пребарувачите или на социјалните мрежи и да ги вметне во текстуална вест. Со користење на вештачката интелигенција, медиумите ќе заштедат време и веројатно ќе успеат да ја зголемат својата претходно намалена читателска публика, а исто така да ги зголемат и приходите од реклами, што е нешто што ќе им обезбеди опстанок. Тоа е светлата страна на приказната.

Од друга страна, медиумските компании можеби забележуваат можност за намалување на трошоците, што повторно ќе доведе до отпуштања на новинари. Дополнително, уште едно прашање кое покренува голем број на дебати е тоа дали машината може да се придржува до новинарската етика и да процени што е етички правилно. Како е можно компјутерот да биде програмиран така да донесе правилна одлука тогаш кога има ударни вести во врска со жртви на трговија со луѓе или семејно насилство?

Имајќи ја предвид ваквата загриженост, новинарите и новинарските организации мора да ја искористат можноста да научат да користат вештачка интелигенција за олеснување на нивната работа и да бараат одговорност од владите и од компаниите.

Не треба да заборавиме дека секогаш кога машината е таа која произведува вести по претходна команда, новинарот, уредникот и главниот уредник секогаш ќе бидат тие кои ќе го имаат последниот збор; тие одлучуваат дали текстот се заснова на темелно и точно известување. Машините не се ништо без човечката мудрост.

Елени Стаматуку

(Преземено од Республика)

 

КОЛУМНИ

Димитар Љоровски Вамваковски

„Победници“, „Губитници“ и компромисни решенија: Што предвидува Договорот од Преспа?!?

Рајко Пеколски

Плитка држава

Ристо Цицонков

Колку повеќе ладиме, станува уште пожешко на планетата Земја

Димитар Љоровски Вамваковски

Сoвременото „македонско прашање“ – опасност или фикција за грчката национална безбедност!?!

Фјола Цака

Зoшто Косово се врти кон зелените технологии

Бранко Азески

Апсурдите на нашата безидејност – ни претстои ли пресврт?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ