Во саботата, на 14 декември, еден настан на Универзитетот „Македонија“ во Солун предизвика значителна конфронтација со нетолеранцијата и фашистичките организации низ градот. Но, истовремено и во настан на сеќавање и повторно оживување на поезијата, песните и културното наследство на македонскиот народ – како на оној дел што денес живее во Република Македонија, така и на македонското малцинство во Грција.
Станува збор за настан организиран од Лабораторијата за истражување на културата, границите и родот при Одделот за балкански, словенски и источни студии. Настан посветен на македонската поезија и културно наследство, организиран во соработка со Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје.
Крајнодесничарските кругови предизвикаа невиден хаос по локалните медиуми во Солун, со денови пред настанот, притискајќи тој да биде откажан или барем да не се одржи во универзитетскиот простор. Во ваква атмосфера, ректорот на Универзитетот „Македонија“, г. Катранидис, се обиде дипломатски да маневрира. Во соопштението објавено во петокот, на 13 декември, само еден ден пред почетокот на настанот, од една страна тврдеше дека универзитетските власти, „почитувајќи ја академската слобода, немаат право да го забранат одржувањето на настанот“, но од друга страна истакна дека „забележал значителни недостатоци во организацијата“ и затоа побарал од координаторката на настанот да се одржи „надвор од просториите на Универзитетот ‘Македонија’“.
Сепак, времињата кога крајната десница можеше да наметне забрана за „антинационални“ настани на местата каде што биле најавени, времињата кога насилниците на „Карфица“ и убијците на Ламбракис владееја со универзитетските простори, одамна поминаа.
Во саботата напладне, на 14 декември, настанот на Универзитетот „Македонија“ започна нормално, во амфитеатар исполнет со публика. Тоа беше одлично организирана научна конференција, но и обид повторно да се потврдат врските и заедничката антифашистичка борбена историја, како на македонскиот. така и на грчкиот народ.
Во моментите кога се слушаа македонските песни во салата, речиси целата публика пееше со возбуда и воодушевување стихови на македонски јазик.
Надвор од просториите на Универзитетот „Македонија“, фашистите од „Светиот Легион“, кои се обидоа да одржат контра-протест во близина на Белата Кула, останаа разочарани.
Во просториите на Универзитетот „Македонија“ постојано беа присутни антифашист(к)и од студентската организација „Антика атак“, политичката организација „Пресметка“, „Новата Левица” и весникот „Црвената“.
„Забранетиот јазик“, илегалниот и прогонуван повеќе од еден век – македонскиот јазик, излезе од сенката и се појави со целата своја величественост и сила на своето крваво наследство, со целата емоција, копнеж и треперење на срцето што ги носи со себе сите овие години.
Болка за траумата на политичките бегалци, која можеби е невидлива, но десетлетија по прогонството останува незалечена. „Траумата ме одбра мене“, рече писателката Кица Колбе, зборувајќи за раните што ги наследила од прогонетите луѓе во своето семејство, кои бегале за да преживеат. Од својот татко, кој целиот свој понатамошен живот постојано одел до границата, молејќи ги граничарите да му дозволат барем еднаш да ја премине границата и да ја посети родната куќа. Да го најде местото каде што, на бегалскиот пат, била закопана неговата сопруга. Само во своите соништа можел да ги премине тие граници. Само во своите соништа станувал птица и го прелетувал теренот на времето.
Бајките, детските песнички, спомените од бабите оживеаја повторно, беа повторно прошепотени и испеани во една универзитетска сала. И така, поезијата и литературата станаа вреден мост меѓу соседните народи.
И тоа се случи во центарот на Солун, среде бел ден.
Кики Стаматојани
Превод од грчки: Сотирис Минас
(Oбјавео на Kokkini.org)