сабота, 19 октомври 2024

Ниш го збогативме за еден милион евра, на ред е Белград

Објавено на

часот

Сподели

Белград ги чека и македонските навивачи и македонските пари

Анализата на МКД.мк, чија екипа престојуваше во јужната српска престолнина, вели дека во градот дојдоа повеќе од 15 илјади Македонци, од кои една четвртина престојуваа целосно, а преостанатите патуваа за секој натпревар.

Со оглед на тоа што дневно за пристоен помин во Ниш без преспивање ви требаат триесетина евра, но само ако решите да не забегувате со гурманлакот и алкохолот, петнаесетте илјади наши фанови што престојуваа само во трите дена додека имаше натпревари на градот Ниш и на неговите угостители и други продавници им оставиле 450.000 евра. Но оваа пресметка е без трошоците за преспивањето на околу две илјади навивачи што престојуваа во Ниш пет дена (шест ноќи) и без нивните трошоци во деновите кога немаше натпревари. Со оглед на тоа што кревет во хотел чинеше триесетина евра, престој во приватен апартман половина од тоа, само за преспивање за петте дена беа потребни над 200.000 евра.

Преостанатите пари (до милион евра) се потрошени на хедонизмот на македонските граѓани, кои и во деновите без натпревари ги окупираа кафеаните, дискотеките, но и двата базена во Ниш – едниот кај салата Чаир, а другиот во нишката бања. Верувале или не, во градот познат по спа и велнес-центри, во минатите шест дена немаше шанса да се резервира место за масажа, сауна, џакузи..

„Све су то Македонци окупирали“, беше најчестиот одговор на вработените во тие установи.

Белград од денеска е домаќин на десетина илјади Македонци, кои уште од синоќа го узурпираа. Да се најде стан близу „Арена“ беше олимписка дисциплина, цените рипнаа и до 500 евра за пет дена, но сепак ниту тоа не ги поколеба верните навивачи да дојдат и да ги следат ракометарите во нивната прва битка од втората рунда. Ако се знае дека Белград е најскапиот град во Србија и дека цените се најмалку двојно поголеми од нишките, а со оглед на тоа дека бројноста на навивачите во метрополата ќе биде огромна, сумата пари што Македонците ќе ја потрошат во втората рунда ќе биде двојно поголема од милион евра.

Кој ќе рече дека ЕХФ не е организација што покрај спортските, има и економски резултати и добро се грижи за своите членки, особено за домаќините на големите натпреварувања.

Од Белград, Златко Крстевски

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ