сабота, 27 јули 2024
Парламентарни избори 2024

Николоски: За голема победа со 61 пратеник ни треба голема излезност

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, кој е носител на изборната листа во четвртата изборна единица, пред завршниот митинг на партијата во Прилеп изјави дека очекува голема победа во среда на двојните избори и оцени дека со голема излезност може да се достигне бројката од 61 пратеник. И лидерот на партијата Христијан Мицкоски изрази очекување дека е можно да се дојде до бројката од 61 пратеник.

Објавено на

часот

Сподели

Николоски ги повика жителите од цела изборна единица број 4 да дојдат вечерва на митинг во Прилеп и, како што рече, заеднички да се затвори досега најуспешната кампања за ВМРО-ДПМНЕ.

„Не случајно тоа го правиме во Прилеп. Затоа што Прилеп е од огромно значење за сите нас, и ќе следи голем инвестициски циклус по завршување на изборите во кој што ќе се решат бројни инфраструктурни прашања во самиот град и во населените места кои што гравитираат кон градот. Градот инфраструктурно ќе се врзе со реална изградба на експресниот пат Прилеп – Градско, а не со монтирани видеа со вештачка интелигенција. Ќе се изгради и автопат од Прилеп до Битола и Меџитлија, пругата ќе стане многу побрза и многу покористена помеѓу Прилеп, Битола и Солун.

Ќе доаѓаат и странски инвестиции, ќе се стимулираат домашните. И многу битно ќе има одговорност за сите што прават криминал и во Прилеп, и во Македонија.

Кампањата помина за нас исклучително успешно. Очекуваме масовна референдумска излезност во среда на осми мај. И ги повикувам сите граѓани да излезат и да гласаат. Потребна е најголема излезност досега за најголема победа за ВМРО-ДПМНЕ, за Христијан Мицкоски премиер, за Гордана Силјановска Давкова претседател на Македонија и за Влада која што нема никој да ја уценува.

Затоа посакуваме 61 пратеник, а ќе си дозволам еве првпат пред медиумите да кажам што очекувам во 4-тата изборна единица, досега во кампањата тоа не го кажувам експлицитно и очекувам ВМРО-ДПМНЕ да освои најмногу пратеници досега и најмногу гласови досега, а тоа е зависно и од малку среќа и од Донтовата формула да имаме помеѓу 13 – 14 пратеници за ВМРО-ДПМНЕ“, изјави Николоски.

И лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски очекува коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ на изборите да освои 61 пратеник или, како што рече, блиску до таа бројка.

Мицкоски за подкаст на Плусинфо истакнува дека СДСМ треба својот пораз да го бара не само во изминатите неколку месеци, туку уште во времето на корона кризата кога направиле злоупотреба на државните ресурси, институции…..

„Уште од тогаш постепено започна нивниот пораз и посериозно се случи на локалните избори кога имаа два убедливи порази и повторно се случи коалиција од позиција на опозиција да освои мнозинство на градоначалници и тоа требаше да биде индикатор. Затоа ние во тој период имајќи ги предвид интересите на државата, баравме предвремени парламентарни избори и на демократски начин да се испочитува волјата на мнозинството граѓани“, рече Мицкоски.

Според него, уште кога Зоран Заев поднесе оставка од функцијата претседател на СДСМ, требало да се оди на предвремени избори.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ