сабота, 27 јули 2024

Николоски во Василево: За масовната пљачка ќе одговараат сите

Општината е во исклучително тешка ситуација, градоначалникот ја затекна општината со огромен долг. Во моментот долгот е некаде над 100 милиони денари, што за вака една мала општина е навистина голем товар. Но, самото тоа што и со огромен долг што е наследен од неговите претходници градоначалникот успева да менаџира и да изработува проекти, говори за посветеноста и за напорната работа, изјави за време на денешната посета на Василево Александар Николоски, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ кој вети дека по парламентарните избори општините ќе добијат огромни средства.

 

Објавено на

часот

Сподели

„За општините планираме околу 250 милиони евра од капиталните расходи од Буџетот. Секоја година да доаѓаат во општините и тие да бидат распоредувани рамномерно според бројот жители во секоја општина и според економскиот перформанс. Тоа значи дека во рок од 4 години некаде над 4 милиони евра ќе влезат тука во општината само од Буџетот, директно како дотација со која општината ќе може да се развива и да работи на нови проекти што ќе бидат од корист на граѓаните.

Николоски одговорајќи на новинарско прашање за набавката на 45 возила на владината Служба за општи и заеднички работи рече дека се работи за масовна пљачка и криминал на Владата во заминување и предупреди да внимаваат сите оние кои потпишуваат и се вплеткани во коруптивните шеми бидејќи ќе сносат одговорност.

„Се работи за една масовна пљачка и расипништво. Мислам дека последно што им треба во моментот на институциите во Македонија се нови возила за луѓе кои ионака ќе си заминат од власт за два месеци, а после тоа ќе користат друг тип на возила од казнено поправните установи во државава, а не службени возила. Не се само овие 45 возила кои што ги набавува Владата. ЕЛЕМ во услови кога во Македонија струјата е екстремно скапа набави возила во вредност од 1,5 милиони евра така што од една страна ги креваат сметките за струја на граѓаните за два пати некаде и до три пати, а од друга страна за милион и пол евра набавуваат возила. Тоа само говори за какви бандити се работи. Сакам да ги предупредам и оние таканаречени економски оператори или фирми кои ги добиваат овие тендери пет пати да отворат очи пред да ги потпишат и десет пати да отворат очи пред да го дадат процентот што им го бараат раководителите од државните институции, конкретно во случајот од ЕЛЕМ или од Владата затоа што за се имаме сознанија и за се ќе има одговорност. Нема да одговараат само носителите на јавни функции, туку ќе одговараат и управителите и сопствениците на фирми кои што влегуваат во вакви коруптивни шеми“, нагласи Николоски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ