„Јас не се сеќавам во Македонија за неколку недели да се отворат три крупни капитални проекти, што мислам дека е добро и за целокупната енергија во државата. Гледам многу позитивни коментари после пуштањето во употреба на експресниот пат Страцин-Крива Паланка. Народот сака добри вести, сакаат реализирани проекти, сакаат да видат дека може нешто да се заврши. Кога бевме избрани се соочивме со проекти кои немаа јасен проектен менаџмент или беа заглавени го огромни проблеми. Сега тоа сѐ е сменето. Реков Грдско – Дреново ќе го пуштиме во сообраќај. Почнавме да го градиме автопатот Прилеп-Битола што значи дека и тој дел ќе биде квалитетно поврзан. Од другата страна на коридор 8 веќе имаме автопат Скопје-Тетово, можам да најавам дека овој месец започнуваме со изградба на автопат Тетово-Гостивар бидејќи ова што сега го имаме не е автопат. Гостивар-Букојчани веќе се работи на популарната Стража, за Букојчани-Кичево веќе имаме тендерирање и Кичево-Охрид интензивно се работи… Ова значи дека заедно со експресниот пат што сега го пуштивме некаде во 2028 година од Охрид до Крива Паланка ќе има или автопат или експресен пат што ќе значи целосен реализиран коридор 8 и ние ќе сме единствена држава која на мапата на коридор 8 ќе имаме целосна врска затоа што тоа е наша стартешка предност“, истакна вицепремиерот и министер за транспорт и врски Николоски.
Тој во врска со актуелните партиски препукувања за експресниот пат Страцин-Крива Паланка изјави дека немало ставено асфалт и дека имало проблеми со еден од изведувачите и со надзорот. Николовски рече дека биле наследени огромни проблеми и дека била неизвесна реализацијата на проектот, но дека за шест месеци проектот е спроведен во целост.
„Прв пат се завршува проект на време. Овој пат е на народот и најмалку очекував од СДСМ да расипе таков убав настан. Три работи народот гледа во претходната власт. Прва работа е дека ниту еден крупен капитален проект СДСМ не успеа да го заврши. Второ, огромна корупција и трето целосна потчинетост на ДУИ. Тоа народот го гледа кај СДСМ“, рече Николоски.