сабота, 27 јули 2024

Николоски: Дополнителни 11 милиони евра ќе бидат исплатени за специјалисти за надзор при изградбата на коридорите

Објавено на

часот

Сподели

За договорот со „Бехтел и Енка“ Николоски изјави дека ќе бидат исплатени дополнителни 11 милиони евра за ангажирање на најмалку пет специјалисти за надзор за период од пет години со месечна плата од 36.500 евра.

„Со мене го носам еден од најсомнителните делови на договорот каде што вели дека изведувачот има право да ангажира специјалист или специјалисти во множина чии што број ќе биде договорен помеѓу изведувачот и Владата, кој што ќе имаат четири насоки на работа, создавање на спецификации за автопатите, создавање на студии за влијание врз животната средина, понатаму студии за влијание врз заштитеното богатство од УНЕСКО во Охридскиот регион, како и разгледување на спецификациите на автопатите. Значи ова се најмалку четири спецификации што значи дека најмалку пет вакви лица би имало ангажирано. Иако бројот е недефиниран, што значи дека може да се и 15 и 20 и 50 лица. Месечната плата ќе биде ни помалку, ни повеќе 36.500 евра“, рече Николоски.

Тој додаде дека оваа сума од 11 милиони евра за ангажирање на специјалистите е дополнителна сума што ќе треба да се плати.

„Ова се суми коишто дополнително треба да ги плати Владата што значи теоретски доколку еден човек се ангажира за пет години колку што Владата вели дека ќе се изведат автопатите, во тој случај само еден човек би зел 2 милиони и 190 илјади евра, а доколку се ангажираат најмалку 5 лица колку што минимум треба да се ангажираат според овој договор, тие би зеле фантастични 11 милиони евра дополнителни средства од владата“, рече Николоски и ја повика Владата да го демантира или да го потврди ова негово тврдење, укажувајќи дека со самото тоа што се крие договорот од јавноста, се остава сомнеж за криминал.

Николоски рече дека ВМРО-ДПМНЕ не се спремни да гласаат за промена на Уставот.

„И доколку условите не се променат ни во овој ниту во следен парламентарен состав не сме спремни да го направиме тоа, затоа што многу едноставно е прашањето, а тоа е што Македонија добива, а што губи. Губи многу, добива малку“, рече Николоски.

Тој во интервјуто ги искоментира и изјавите на Димитар Ковачевски и Бујар Османи кои прво кажале дека Македонија треба да ги зема искуствата од хрватскиот устав, но кога ВМРО-ДПМНЕ кажале дека го прифаќаат, веднаш се предомислиле, бидејќи не знаеле што содржи преамбулата на хрватскиот устав.

„Ја земавме ние преамбулата од хрватскиот устав, ја преведовме на македонски. Доколку сакаат таков модел, ние велиме уште утре ќе го прифатиме. И потоа кога се сетија дека се излетале во јавност, дека не прочитале што кажуваат, им кажал некој кажете хрватски модел има таму 22 малцинства и овие излегоа готово тоа е магично решение и ние кога им рековме важи еве го текстот, велат, а не, Македонија е друг тип на држава“, изјави тој.

Николоски истакна дека не е позната ад хок работна група за уставни измени, како и дека тие нема да прифатат уставни измени, освен ако не се прифати хрватскиот модел каде што ќе стои дека Македонија е национална држава на македонскиот народ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ