„Посебно е загрижувачки што насилната примена на неонацистичката идеологија и огнената русофобија ги уништуваат некогаш просперитетните градови во Украина, вклучувајќи ги Харков, Одеса, Миколаев, Дњепропетровск. Можно е следната година Украина целосно да престане да постои“, рече Патрушев во интервју за Комсомолскаја Правда.
Коментирајќи ја геополитичката ситуација и очекуваните промени во пресрет на инаугурацијата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, Патрушев оцени дека времето ќе покаже дали Трамп ќе може во целост да ги спроведе своите намери.
„Како што покажа неговиот прв мандат, озлогласената длабока држава во САД е многу силна. Можеби нема да му дозволи да се сврти. А искуството од изборната кампања и обидот за атентат врз неговиот живот бара подготвеност за најнезамисливите сценарија“, рече Патрушев, додавајќи дека позициите на Трамп не ги делат сите американски елити.
Како што наведе тој, овие позиции значително се разликуваат од плановите на Демократската партија, поединечни сопственици на индустриски гиганти и транснационалните корпорации, поради што, оцени, е „исклучително важно да се осигура безбедноста на Трамп и неговата околина пред да ја преземе функцијата шеф на државата, како и за време на претседавањето.“
Патрушев истакна дека Украина е апсолутен приоритет за администрацијата на актуелниот американски претседател Џозеф Бајден, но дека таа не е меѓу приоритетите на Трамп, бидејќи тој е „повеќе загрижен за Кина“.
„Трамп ги истакна своите интереси во однос на Гренланд, Панамскиот канал, Мексико и Канада. Прецртувањето на светската карта според сопствените интереси и мешањето во работите на земјите на различни континенти е американска традиција… Нема сомнеж дека во сите овие области новата администрација агресивно ќе ги форсира сопствените интереси“, рече советникот на рускиот претседател.
За односите на САД со Кина, Патрушев рече дека верува оти несогласувањата на Вашингтон со Пекинг ќе се влошат, „и Американците ќе ги надујат, дури и вештачки“.
„За нас Кина беше и останува најважниот партнер, со која нè поврзува особено привилегирана стратешка соработка. Овие односи не подлежат на конјунктура, опстојуваат без разлика кој ја зазема Овалната соба“, нагласи тој.
Според него, главен приоритет на Русија е заштитата и благосостојбата на руските граѓани и сонародници ширум светот. Тој истакна дека дискриминацијата на руското население мора да престане во голем број земји, вклучувајќи ги и балтичките земји и Молдавија.
„Владите на овие земји продолжуваат да се водат во длабока криза преку непромислени акции и тврдоглаво вртат русофобичен наратив. Енергетската криза е особено индикативна, за која молдавските власти се виновни 100 отсто, бидејќи тие послушно ги извршуваат наредбите на Брисел за намалување на зависноста од гас од Русија“, нагласи Патрушев, додавајќи дека Кишињев не треба да се залажува себеси или својот народ и дека молдавските власти „не треба да бараат непријатели внатре во земјата или во Придњестровје, туку да ги признаат своите грешки и да почнат да ја поправаат ситуацијата“.
„Не ја исклучувам можноста дека агресивната антируска политика на Кишињев ќе доведе до тоа Молдавија или да стане дел од друга држава или целосно да престане да постои. Во оваа ситуација, можете да го погледнете примерот на Украина, каде неонацизмот и русофобијата ја доведоа земјата во колапс, многу пред специјалната воена операција“, предупреди советникот на Владимир Путин.
Тој додаде дека курсот на Русија во однос на Украина останува непроменет и дека е важно светот да го признае влегувањето во Руската Федерација на самопрогласените Народни републики Доњецк и Луганск (ДПР и ЛПР), регионите Запорожје и Керсон, Крим и Севастопол, „кои во согласност со Уставот се составен дел на нашата држава“.
Патрушев истакна дека украинскиот народ останува близок, братски, врзан со вековни врски со Русија, „без разлика колку киевските пропагандисти, опседнати со „украинизмот“ го тврдат спротивното“. „Не сме рамнодушни кон она што се случува во Украина“, нагласи тој. Тој изјави и дека преговорите за Украина треба да се водат меѓу Русија и САД без учество на други западни земји.
„Нема што да се разговара со Лондон или Брисел. Раководството на ЕУ, на пример, одамна го изгуби правото да зборува во име на многу нејзини земји-членки, како што се Унгарија, Словачка, Австрија, Романија и некои други европски земји кои се заинтересирани за стабилност во Европа и балансиран став кон Русија“, заклучи Патрушев.