По синоќешниот пораз од Атлетико Мадрид, Барселона го загуби врвот во Ла Лига, а денеска „каталонците“ паднаа и на третото место.
Реал Мадрид со 4-2 славеше над Севиља и го скокна лутиот ривал на табелата.
Домаќините поведоа по десет минути игра, Мбапе прекрасно погоди од 20 метри за водство од 1-0.
Потоа следеше нов гол од далечина, Феде Валверде уште еднаш покажа дека има разорен удар и атрактивно ја затресе мрежата за 2-0. За Уругваецот ова беше погодокот број 5 оваа сезона со удар надвор од шеснаесетникот, и нема конкуренција во оваа статистика во топ 5 лигите во Европа.
Во 33. минута Родриго зголеми на 3-0, а веќе во следниот напад гостите намалија на 3-1 преку Исак Ромеро.
На стартот од вториот дел, Диаз заврши една убава акција за 4-1, а конечниот резултат беше поставен на пет минути пред крајот, Лукебакио само го ублажи поразот на Севиља и по една контра реализираше за 4-2.