петок, 18 октомври 2024
Димитар Љоровски Вамваковски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Ние од В’мбел… (демек) закана за грчката национална безбедност

На крајниот северозападен дел на грчката држава, на само 500 метри од Албанија, се наоѓаат остатоците од некогашното македонско село В’мбел. Дека некогаш постоел живот во ова населено место сè уште немо сведочат бројните камења кои докажуваат дека тука некогаш имало големи куќи. Секако, тука се и гробиштата, селската чешма, како и црквата Св. Димитрија, изградена 1871 година, а „случајно“ видно оштетена во 1965 година, кога во неа експлодирала граната за време на воена вежба на грчката армија.

Првите историски податоци за селото датираат уште од средината на 16 век, кога се споменува В’мбел во османлиските дефтери како спахиски зимајет и тимар. Селото од неговото основање, па сѐ до неговото уништување кон крајот на Граѓанската војна во Грција (1949) било исклучиво населено со македонско етничко население. Неговото име најверојатно доаѓа од словенскиот збор В’бел што означува кладец и/или бунар. Во 1927 година грчките власти го преименувале во Мосхохори, бидејќи во околината на селото растел познатиот миризлив чај, што самиот превод на грчки го означува истото, т.е. миризлива трева. Историските податоци од крајот на 19 и почетокот на 20 век покажуваат дека бројот на жители во В’мбел се движел некаде од 600 до 650. Во 1913 година, кога тоа влегло во составот на грчката држава, броело 733 жители, по што во периодот кој следел почнало драстично да се намалува бројот на населението, и така во 1940 година тоа да брои само 483 луѓе.

В’мбел било планински село, распостелено на 1.174 метри надморска височина. Како и повеќето села во костурската околија, населението и од ова село пред сè било печалбарско, додека во самото родно место тие се занимавале со сточарство и во одредени случаи одгледувале одредени земјоделски култури. Најчесто неговите жители кога заминувале на печалба работеле како ѕидари и градинари. На печалба се одело во Солун, Истанбул, Тесалија, Атина, Софија и во прекуокеанските држави. Освен материјалното богатство што вмбелари го носеле од печалба, тие работејќи на различни места на Балканот и во светот, ги прифаќале и новите учења, култури и сфаќања за слободниот живот и просперитетот, што настојувале да го применат во локалната заедница и пошироко, во Македонија. Оттука, голем дел од жителите на селото многу рано биле вклучени во преродбенските, револуционерните и ослободителни движење кои историски започнале од последните децении на 19 век во османлиска Македонија. Тие масовно се приклучиле во редовите на Македонската револуционерна организација, при што постојат податоци дека во 1902 година околу 70 луѓе од В’мбел биле вклучени во нејзините редови. Селото не го прескокнал ниту Гоце Делчев за време на неговата Голема обиколка низ Македонија зимата 1901/02 година, одржувајќи состанок со членовите од селото во локалното училиште. Во таа пригода, се сеќава вмбеларот Ѓорги Чакарев, дека Делчев одржал говор, во кој на селаните им зборувал „за маките и ропството на македонскиот народ под Турците“. Тој понатаму рекол дека излез од ситуацијата можеме да најдеме ако сите се обединиме и се бориме против Турците. „Не треба да чекаме од никого слобода, ниту помош. Слободата на македонскиот народ е прашање на самите Македонци. Ние Македонците треба да создадеме независна држава, како што тоа успеале да го сторат соседните народи“.

Селската чета на МРО како и голем број вмбелари кои биле дел од другите револуционерни чети во Костурско учествувале во Илинденското востание од 1903 година. Еден од најтрагичните настани во текот на востанието се случило токму во околината на селото В’мбел, кога 18 комити од селската чета решиле да не се повлечат под жестокиот османлиски контранапад и да се засолнат во длабоката пештера „Камна“. Османлиската војска успеала да го открие ова место при што пештерата била опколена. По кратка размена на огин и откако увиделе дека не можат вооружено да ја преземат пештерата, османлиите запалиле снопови со жито и ги фрлиле внатре во „Камна“. Комитите почнале да се гушат, но решиле да не се предадат, притоа убивајќи се меѓусебно сите. Овој трагичен настан оставил длабок белег во меморијата не само на жителите на В’мбел, туку и меѓу населението во околните костурски села. Кон крајот на август 1903 година селото било целосно опожарено во османлискиот контранапад (110 куќи), убиени биле голем број жители на В’мбел, а бил разграбан целиот добиток, материјалните добра и замјоделските намирници.

И после задушувањето на востанието селската организација на МРО продолжила да работи и одржува врски со четниците. Во овој период на неколку пати четите на МРО имале судири со османлиската восјка, како и со пристигнатите грчки паравоени вооружени формации, чија главна цел била да ја уништат структурата на МРО во Костурско.

После Балканските војни (1912-1913) селото В’мбел како и половина од територијата на географска Македонија потпаднала под власт на грчката држава. Од овој период се забележува помасовно емигрирање на населението од политички причини, а најчесто како повод служеле револуционерните традиции што биле негувани од жителите на селото и нивното македонско етничко потекло. Постојат голем број сведоштва за теророт, мачењето и затварањето на жители од В’мбел од страна на грчките власти.

Повторно поголемо револуционерно раздвижување меѓу населението се забележува во текот на Втората светска војна и Граѓанската војна во Грција. Имено, голем број жители на селото учествувале во македонските партизански одреди или пак биле дел од единиците на ЕЛАС. Особено масовно учество се забележува во текот на Граѓанската војна, кога во редовите на ДАГ се бореле на 100 души од селото, а во борбите со грчките вооружени сили загинале 37 жители од В’мбел. Во исто време, во периодот 1941-1949 година затворени по грчките затвори биле 34 вмбелари. Треба да се забележи дека на 13 јануари 1948 година во црквата во селото В’мбел бил одржан Првиот конгрес на македонската организација НОФ.

Како и голем дел македонски села од овој дел на Грција, така и селото В’мбел ја доживеа истата судбина по крајот на Граѓанската војна. Имено, најпрвин, во 1948 година биле раселени сите деца до 16 годишна вораст во источноевропските држави, а веќе наредната година и целокупното население го напуштило селото. На тој начин за жал згаснал животот во В’мбел, но за среќа неговите жители останале да ја негуваат традицијата, историјата и културата на ова поранешно населено место. Најголем дел од раселените вмбелари постепено се прибирале во поранешната Социјалистичка Република Македонија, каде и ден денес живеат најголем дел од поранешните жители на селото и нивните потомци.

Но, да се вратиме на денешницата. Токму тие поранешни жители на В’мбел и нивните потомци, голем дел од нив, се изградија во етаблирани жители во новите држави каде што се раселиле, претежно во Македонија, но и во другите балкански, европски и прекуокеански земји. Селото даде голем број интелектуалци, научни и просветни работници, лекари, стопанственици и инженери, и сите на свој начин во областа за која се стручни придонесуваа во развојот на општествата каде работеа и делуваа. Но, парадоксот да е поголем, токму од ова населено место, неговите потомци денес претставуваат „најголема закана за грчката национална безбедност“!? Дури тројца жители на Македонија, кои потекнуваат од В’мбел се ставени на грчките „црни“ листи како непожелни за влез во грчката држава. Небаре, човек да си помисли, дека тие се најголема заканат за мирот и безбедноста не само на Грција, туку и на целиот Балкан! Особено, што денеска, кога во Светот постојат реални закани за мирот и стабилноста, токму овие тројца потомци од селото В’мбел да се врамат во таквиот тип на опасности. А, всушност, станува збор за еден лекар, еден историчар и еден бизнисмен, кој на никаков начин не ја загрозуваат грчката безбедност, освен, секако, што потекнуваат од Грција и реално си ги бараат и почитуваат корените од таму од каде што се.

Станува збор за Никола Костурски, Димитар Љоровски и од пред неколку недели, со забрана за влез во Грција, Сотир Лукровски. Првиот е почитуван и етаблиран лекар кој целиот свој работен век го поминал во градот Битола, еден од најраните активисти за македонското (егејско) прашање, кој веќе неколку децении е ставен на грчките „црни“ листи. Но каде „згрешивме“ јас и Сотир? „Грешката“ е во тоа што најверојатно премногу ја сакавме историјата, традицијата, културата, па и камењата на нашето село! Мојот прв обид да го посетам селото на мојот татко беше некаде во средината на 90-тите години на минатиот век, за жал неуспешен, бидејќи стигнавме само до селото Апоскеп. Десетина години потоа, во 2006 година за прв пат успеав да го посетам В’мбел. Чувството беше неописливо, само тој што го доживеал тоа, може да разбере. После тоа, уште неколку пати бев во В’мбел, за да во 2010 година случајно се запознам со Сотир, кој ме замоли заедно да го посетиме селото, бидејќи тој не знаеше како точно да стигне до таму. Падна договорот, најпрви требаше да одиме само јас и он, но на крај собравме цел автобус поранешни жители на селото и нивните потомци. Одлично чувство, В’мбел како повторно, за кратко, за еден ден, да оживеа. Тогаш решивме ова да стане традиција, на секој две години да го посетуваме В’мбел, да запалиме по една свеќа на гробовите на нашите предци и да ги слушнеме приказните на сè уште живите вмбелари за поранешниот живот во ова населено место. Притоа, вакви средби правевме и во Скопје, целта ни беше да не се заборавиме, да се поврземе, помладите да знаат од каде се и кои се. Следната посета беше 2012 година, за мене последна, бидејќи после тоа добив забрана за влез во Грција. Но Сотир ја продолжи традиција, се до минатата година, кога во октомври 2023 година за последен пат и тој пред да добие забрана за влез во Грција, го посети селото на неговите потомци. И сега вие кажете, што и на каков начин ние ја загрозуваме грчката национална безбедност? Заради тоа што сакавме да запалиме по една свеќа на гробовите на нашите предци? Кого навредивме или непочитуваме? Ете, за такви „терористи“ и „екстремисти“ станува збор. Малото В’мбел, кое денес не постои, а во реалноста преставува „најголема“ закана за грчката национална безбедност. Но, традицијата ќе продолжи…

Димитар Вамваковски Љоровски             

КОЛУМНИ

Миодраг Врчаковски

Илегална миграција на легален начин!

Сеад Џигал

Стереотипите како бариера за жените кандидатки

Ристо Цицонков

Греење: Не си играјте со децата, може да се разболат

Кристина Пота Радуловиќ

„Ти си пречувствителен/на“ – грижа за нас или агресија и етикетирање?

Ристо Цицонков

Базна електрична енергија да, ама не со слаб кадар и неприменети...

Далибор Ступар

Што се случи со Зелената агенда во Србија?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ