сабота, 27 јули 2024
Рајко Пеколски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Незгода

Повести за многупоучните бесрамно бесмислени и несомнено вистинити авантури на многунепочитуваниот даночен обврзник потрошувач гласач и дисциплиниран пушач Неговото граѓанско Височество - граѓанинот Шљупков и за тоа како тој виде посведочи и доживеа многу згоди и незгоди во Апсурдистан и северно од него извлекувајќи високопоучни слова за граѓанските доблести на послушноста политичката коректност јавниот ред и морал правото и демократијата или скратено – таму негде јужно на север.

Шљупков возеше велосипед низ градскиот плоштад и се бапна во еден оксиморон, кој од своја страна, возеше тротинет. Ударот беше толку силен што оксиморонот ги загуби првите четири букви.

И така почнаа чудесните странствувања на четирите загубени букви на оксиморонот. Секако, најпроминентни беа авантурите на самогласките, О и И. О-то прошета низ многу математички аксиоми за на крај да го основа супремациското движење на сферистите во геометријата. Исто така, О-то има своевремено направено и поетски обиди, кои, меѓутоа, критиката ги оценува како патетични и сентименталистички. И-то, пак, после подолг престој во исказите на формалната логика влезе во непомирлива војна со уважениот господин Или. Прогонувано од разни премиси и судови, најпосле најде засолниште во слободните територии на парадоксите. Статусот на дисидент никогаш не му беше признат.

К-то долго се пијанчеше по барови и лумпуваше по ноќни клубови. Имаше неколку неуспешни љубовни авантури со самогласки кои ги биеше сомнителна репутација. Сепак, К беше омилен во друштво, бидејќи беше проклето добар шегаџија. Кутриот, бидејќи го сметаа за роднина на Јозеф К, секогаш имаше проблеми со законот…

С-то… е С-то беше посебен шармер и шмеќар. Знаеше по потреба да вреви као консонант, или да цмиздри како вокал. Па така, ја основа ССТГ заедницата на гласови во Апсурдистан (Самосогласки и Трансгласови ). Имаше и своја телевизија, но се скара со својот роднина З заради некои пари. Но тоа веќе е надвор од нашиот интерес…

Во меѓувреме, на оксиморонот без првите четири букви му одеше одлично во Апсурдистан. Стана претседател на Апсурдистан и беше мошне почитуван од странските колеги и меѓународната заедница.

По тие настани, Шљупков никогаш повеќе не се качи на велосипед.

         Рајко Пеколски

КОЛУМНИ

Ристо Цицонков

Тoплински острови во градовите

Дарко Митревски

Да не се лажеме

Стефан Вељановски

Зошто треба да инвестираме повеќе во жените од руралните подрачја?

Бојан Блажевски

Чечичен молк: Долг е патот до автопат

Наташа Јаневска

Пет проценти од буџетот на државата за образованието е клучот за...

Шанг-Јин Веи

Дaли атентатот ќе му донесе победа на Трамп?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ