„Треба прецизно да ни се објасни што се предвидува во Маврово, Никифорово, Леуново, во која зона е регионот и што се предвидува. Тука се кријат намерите за бизнис интересите како и досега“, дискутираа дел од присутнитее.
„Во присуство на поголем број на жители, но и претставници на бизнис секторот, невладини организации како и претставници на Инспекторатот за животна средина, беше презентирана документацијата и новото предлог зонирање, по што се отвори поширока дискусија“, стои во соопштението на НП Маврово. Од оваа институција наведуваат дека средбата е искористена за добивање на конкретни забелешки, предлози и сугестии во однос на идното зонирање на паркот. Директорот на НП Маврово Харис Ибраими потенцираше дека сите забелешки ќе бидат сериозно разгледани и дека гласот на локалното население ќе се земе во предвид во понатамошните постапки, стои во соопштението на НП Маврово.
Се зборуваше за зоните за градба, но не и кој треба да ги изработи урбанистичките планови во национаните паркови, забележија експертите. Според нив, во Законот за градба се вели дека онаму каде градбите ја загрозуваат животната средина и градбите во туристички развојни зони кои се наоѓаат во прва категорија на градби, за нив одобрение за градба издава органот на државна управа надлежен за вршење на работите.
Дел од засегнатите страни испратија и писмо во кое се изразува незадовлство од постапката на НП Маврово поради нетранспарентно и незаконски давање позитивно мислење на Студијата за ревалоризација на НП Маврово дополнета со ревизијата на претходната студија изготвена од Оксфам од 27 март 2024.
„Ја немавме на увид студијата, беше презентирана само намерата и активностите што ги спроведува Министерствито за животна средина. Студијата се изготвуваше тајно. Дали е случајно што е објавена во тек на новогодишпните и божиќните празници без да се има можност да се реагира.
Од страна на НП Маврово е дадено позитивно мислење за предлог студијата, незаконски нетранспарентно криминогено, без претходни јавни расправи. Јавно изразуваме револт за постапката и укажуваме дека сѐ додека не се провери целосно студијата од експерти кои транспарентно ќе го изразат своето мислење, ние засегнатите страни ќе мораме да се бориме со сите средства за стопирање на донесување на студијата, а особено на документите што ќе следат.
Бараме итно да се сопре понатамошната постапка до официјално презнетирање на студијата на сите засегнати страни. Во спротивно ќе покренеме кривични постапки против сите кои не се придржувале кон законските регулативи“, се вели во писмото.