недела, 15 декември 2024

Невреме на векот го срамни со земја островот Мајот, неколку стотици загинати (ФОТО+ВИДЕО)

Бројот на загинати како последица на циклонот Чидо, кој ја погоди француската територија Мајот во Индискиот Океан, може да достигне неколку стотици, предупреди локален претставник. Циклонските ветрови, кои достигнаа брзина од 225 км/ч, целосно срамнија со земја цели заедници, пишува Би-би-си.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Според последните податоци, официјалната бројка на загинати е 11, но префектот на островот, Франсоа-Ксавие Биевил, за локалните медиуми изјави дека „сигурно стотици луѓе се мртви“. Тој додаде дека е можно да загинале „неколку илјади луѓе“.

Француското Министерство за внатрешни работи соопшти дека „ќе биде тешко да се даде точен број на жртви“, особено во оваа фаза. „Ќе биде комплицирано бидејќи Мајот е муслиманска земја во која мртвите се погребуваат во рок од 24 часа“, изјави претходно претставник на француското Министерство за внатрешни работи.

Островот е дом на 320.000 жители, вклучително и повеќе од 100.000 мигранти без документи, додаде министерството. Сместено на речиси 8.000 километри од Париз и четири дена патување по море, Мајот е значително посиромашна од остатокот на Франција и со децении се бори со насилство од банди и социјални немири. Околу 77 отсто од луѓето во Мајот живеат под француската граница на сиромаштија.

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека Франција „ќе биде со жителите на Мајот“ и дека испратила 250 спасувачи на островот. Министерот за внатрешни работи Бруно Ретало рече дека „сите импровизирани домови се целосно уништени“ и изрази страв од „тешки загуби“.

Амбдилвахеду Сумаила, градоначалникот на главниот град на Мајот, Мамуџу, рече дека се погодени болници, училишта, куќи и дека сè е уништено.

Локалниот жител Ибрахим изјави за АФП за „апокалиптични сцени“ додека се пробивал низ главниот остров, принуден да ги отстранува пречките од блокираните патишта.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ