среда, 29 мај 2024

Невладините бараат одговори од партиите како ќе се справат со загадувањето, урбанизмот, владеењето на правото

Ние од граѓанските иницијативи, независните иницијативи кои учествуваа на локалните избори и еко-здруженијата со досегашното делување стекнавме искуство, но и големо знаење за состојбите и потребите за промени. Неброено пати ги повикувавме институциите за да бидеме заедно на страната на промените, за да се подобрува, унапредува и да се обезбеди квалитетен живот на сите граѓани, пишува во соопштението што денеска беше упатено до јавноста, а на кое се потпишани девет невладини организации (НВО).

Објавено на

часот

Сподели

Затоа деветте невладини организации до политичките партии учесници на изборите доставија 18 прашања на кои, како што велат тие, наместо флоскули и демагогија очекуваат конкретни одговори со рокови, буџет и одговорни институции и личности.

„Само така ќе бидеме убедени дека се знае како да се променат работите, а не само да се ветува без план! Скоро 70 отсто од законите се спроведуваат на локално ниво, во нашите општини. На прагот сме на парламентарни избори, а одлуките кои следните парламентарци ќе ги носат, директно ќе влијаат и на политиката на локално ниво. Ние на овие избори не учествуваме директно, но и ние и останатите граѓани гласаме. И сакаме информирано да гласаме!“, пишува во соопштението на овие девет НВО.

Одговорите од партиите ги очекуваат до 2 мај, а истите во целост јавно ќе ги објават пред гласањата на 8 мај „за да бидат патоказ, но и обврска за периодот кој следи“.

„Како граѓани, имаме право на одговори за клучните прашања поврзани со загадувањето, урбанизмот, владеењето на правото, квалитетот на животот. Нашите заложби се јасни, транспарентно, чесно, законито и правично општество за сите, политики кои ги штитат граѓанинот и јавниот интерес, обезбедуваат и стимулираат активно граѓанско вклучување и обезбедуваат здрава животна средина и подеднакви квалитетни услуги за сите граѓани низ државата. Во исчекување сме да ги чуеме конкретните одговори од учесниците на изборите. Од нивниот одговор зависи и нашиот одговор на гласањето“, велат од деветте НВО.

Потписнички на оваа иницијатива се граѓанските иницијативи Шанса за Центар, O2 Иницијатива, Зелен хуман град, Зелените од Гази Баба, Независни за Карпош – За заштита на Карпош, Заедно за промена, За Расадник на можности, за хуман живот во Кисела Вода сите од Скопје како и граѓанските иницијативи Стига е од Струмица, Босилово и Ново Село и граѓанската иницијатива Грин.орг од Кочани.

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ