Прашањето за т.н Филаделфиски коридор, на јужниот раб на Појасот Газа, долж границата со Египет, е едно од главните спорни прашања што го кочат договорот за прекин на огнот.
Хамас се противи на секое израелско присуство во областа, а Нетанјаху инсистира дека Израел нема да го напушти. Израелските војници таму пронајдоа десетици тунели кои се користат за шверц на оружје и муниција во Појасот Газа.
„На оската на злото ѝ е потребен Филаделфискиот коридор и поради таа причина мораме да го контролираме“, рече Нетанјаху на прес-конференција во Ерусалим.
„Поради оваа причина, Хамас инсистира да не бидеме таму, и поради оваа причина јас инсистирам да бидеме“, рече тој. Доколку Израел се повлече од тој коридор, ќе биде тешко да се врати поради меѓународниот притисок, рече тој.
Ставот на Нетанјаху за преговорите, кои се во застој со недели, ги фрустрира сојузниците, вклучително и САД, и го оддалечи од неговиот министер за одбрана, Јоав Галант.