Според Јаневска, „крајно неразумно е да се запре законот за средно образование кој не е менуван повеќе од 20 години“. Пред да замине на собраниска седница на која е на дневен ред овој предлог, министерката изјави дека жали што тоа се случува по долго очекување на овој и уште шест други закони од областа на образованието.
„И во овој момент ништо друго не се дискутира освен химната што не е предмет за дискусија. Па оттука, можам да речам дека е комплимент за Министерството што не е најдена друга мана, но сметам дека е крајно неразумно да се запре законот за средно образование кој не е менуван повеќе од 20 години, да не може да се имплементираат новините кои државава ги очекува минимум седум години, а очигледно и повеќе, поради една таква дискусија. Денес е Законот на дневен ред на собраниска седница. Се надевам дека пратениците на ДУИ ќе најдат сили да ја надминат политичката ситуација или за нив политичката некаква вредност која де факто и не е вредност и ќе соберат сили да го изгласаат законот после второто читање, се разбира“, рече Јаневска, одговарајќи на новинарски прашања на настан на кој беше најавен проектот за унапредување на образованието за медицински сестри и акушерство.