сабота, 27 јули 2024

Непрооден e патот до Луковица, нормализиран е сообраќајот од Кичево до Гостивар

Жителите на планинското село Луковица на Сува Гора велат дека патот не е прооден и дека се отсечени поради снежната покривка. Снегот, според нив, почнал да врне во петокот околу 16:30 часот, а се соочиле и повеќечасовен прекин на електричната енергија. Авто мото сојузот на Македонија (АМСМ) вечерва соопшти дека сообраќајот на патниот правец Кичево-Гостивар е нормализиран. Јавното претпријатие (ЈП) Македонија пат информираше дека снег со слаб интензитет има на Попова Шапка, Маврово, Плетвар, Пресека и Железнец. 

Објавено на

часот

Сподели

„Снегот врнеше цела вечер и цел ден денеска. Последен пат кога бев излезен околу 17 часот патот не беше прооден. Сега има околу 40 сантиметри. Струјата беше во прекин од вчера во 19 часот до денес до 14 часот“, изјави за МИА, Ќирко Милошевски, жител на селото и член на месната заедница.

Околу пладне, градоначалникот на Желино, Блерим Сејдиу на социјалните мрежи постави фотографии и објава дека се чистат патиштата во планинските села. 

„Нашите машини работат на терен чистејќи ги патиштата во вечерните часови. Бидејќи снежните врнежи сè уште не престанале, апелираме до граѓаните да не ги користат возилата без потреба, освен во случаи кои се апсолутно неопходно“, се вели во објавата.

Од Општината велат дека патот до селото се чисти, но дека проблем е големата снежна покривка и силниот ветер. 

„Од вчера механизацијата е на терен, работат интензивно на расчистување на патот, но има многу снег на некои места и дува ветер. Се работи без прекин Крстец-Луковица-Седларево“, велат од Општина Желино.

Поради високата снежна покривка не можеше да се стигне до селото Луковица на планината Сува Гора и во февруари 2022 година. Луковица е меѓу ретките села во државата до кое нема асфалтиран пат. Годинава почна делумно асфалтирање на дел од 5,5 километри, односно на делницата од месноста Крстец до Луковица. 

Авто мото сојузот на Македонија (АМСМ) вечерва соопшти дека сообраќајот на патниот правец Кичево-Гостивар е нормализиран. Поради сообраќајна незгода, овој правен правец беше во прекин, а потоа сообраќајот се одвиваше наизменично по една коловозна лента. 

Јавното претпријатие (ЈП) Македонија пат информираше дека снег со слаб интензитет има на Попова Шапка, Маврово, Плетвар, Пресека и Железнец. Оттаму информираат дека остануваат забраните за сообраќај за тешки товарни возила на патните правци крак Маврово-Маврови Анови и на патот Струмица-Берово. 

„На останатите патишта низ државата сообраќајот се одвива во зимски услови по влажни коловози. Апелираме на внимателно возење и прилагодување на брзината кон условите на патот“, велат од ЈП Македонија пат. 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ