Еден од раните симптоми на Паркинсоновата болест, кој често се занемарува, е губење на сетилото за мирис (аносмија). Истражувањата покажуваат дека дури 95 отсто од заболените доживуваат некаков вид на намалено чувство за мирис, а Националната здравствена служба наведува дека овој симптом може да се појави години пред да станат очигледни проблемите со движењето.
Иако на прв поглед е безопасно, губењето на мирисот може да има сериозни последици. Покрај тоа што влијае на уживањето во храната и може да доведе до промени во телесната тежина, може да влијае и на безбедноста – луѓето можеби нема да можат да почувствуваат мирис на чад или расипана храна.
Покрај губењето на мирисот, раните знаци на Паркинсонова болест може да вклучуваат: тремор (неволно тресење на целото тело), забавено движење, вкочанетост на мускулите, нарушувања на сонот, анксиозност и депресија, проблеми со дигестивниот систем.
Беки Порт, докторка од организација за Паркинс на Велика Британија истакнува дека не постои специфичен тест за Паркинсонова болест, што ја отежнува раната дијагноза. „Колку побрзо лицето добие дијагноза, толку побрзо може да започне со третмани кои можат да ги ублажат симптомите и да го подобрат квалитетот на животот“, додава таа.
Иако моментално не постои лек за Паркинсонова болест, раното препознавање на симптомите и навремената медицинска помош може значително да го олесни секојдневниот живот на пациентите. Доколку забележите некој од овие симптоми кај себе или кај вашите најблиски, се препорачува да се консултирате со лекар.