сабота, 27 јули 2024

Немирите во Франција стивнуваат по апелот на бабата на убиениот тинејџер

Објавено на

часот

Сподели

До полноќ, само 49 лица беа уапсени, соопшти Министерството за внатрешни работи, многу помалку отколку во истото време претходните ноќи, кога беа запалени автомобили и јавни згради, а полицијата водеше улични битки со млади во градови ширум земјата.

Телевизиската компанија БФМТВ објави дека до 01:30 часот се уапсени уште 29 лица.

Во некои жаришта, вклучувајќи го и градот Лион, полицијата употреби солзавец против екстремно десничарските активисти кои ги исполнија улиците очигледно за да се спротивстават на бунтовниците.

Се стравуваше од шестата ноќ на широко распространети немири, предизвикани од тоа што полицијата во вторникот за време на сообраќајна контрола го уби 17-годишниот Нахел М. во предградие на Париз, но до утринава не беа пријавени поголеми акти на насилство.

За релативниот мир можеби придонесе безбедносната операција и апелот на бабата на момчето за смирување упатен преку медиумите. Министерот за внатрешни работи Жералд Дарманин се потпре на силното полициско присуство третата ноќ по ред, распоредувајќи 45.000 полицајци и оклопни возила низ целата земја.

Дарманин, според француските медиуми, им наредил на полицајците да дејствуваат решително и што поскоро да ги уапсат луѓето. Француската полиција уапси повеќе од 1.300 луѓе во четвртата ноќ од немирите, а повеќе од 700 во петтата ноќ.

Бабата на момчето вчера даде интервју во кое повика на прекин на немирите. „За среќа, полицијата е тука. Им велам на луѓето кои кршат работи „престанете“. Го користат Нахел како изговор“, изјави таа за БФМТВ.

Иако е револтирана од полицаецот кој го застрела нејзиниот внук, таа рече дека не сака да генерализира за полицијата. Ќе биде казнет како и сите други, изјави Надја, чие презиме, како и на Нахел, не се споменува во медиумите.

„Имам доверба во судството“, истакна таа и додаде дека луѓето треба да останат мирни и да не уништуваат сѐ околу себе. Полицаецот обвинет за убиство на тинејџерот е приведен и покрената е истрага за убиство од небрежност.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ