понеделник, 21 октомври 2024

Немаше делегати, затоа се одложи Конгресот на СДСМ, реагираат високи партиски претставници

Денешниот 29 конгрес на СДСМ е прекинат откако раководствата на општинските организации побарале дополнително време за подготовка на извештаите за парламентарните и претседателските избори. Ова е официјалното соопштение на СДСМ за денешното одложување на конгресот. Но, според високи претставници на партијата причината е неприсуството на делегатите на конгресот. Своевиден бојкот на членството.

 

Објавено на

часот

Сподели

Речиси 2/3 од делегатите денеска не дошле во хотелот Александар палас каде што се одржуваше конгресот на СДСМ. Ова се протолкува како своевиден бојкот на членството за сѐ она што се случуваше во партијата во последните години, а особено по вистинскиот дебакл на партијата на последните парламентарни избори. Официјално, конгресот на СДСМ ќе продолжи откако општинските организации ќе се произнесат за извештајот за претседателските и за парламентарните избори, а терминот дополнително ќе биде утврден.

Ова соопштение, Аднан Џафероски, поранешен висок функционер од СДСМ го прокоментира: Мислите ли дека некој нормален ви верува? И кандидатот за претседател на СДСМ Јован Деспотовски за оваа шлаканица рече дека „ова е резултат на тоа што членството се третира како гласачка машина.

Деспотовски: Не се случило досега неодржување на конгрес во СДСМ

СДСМ имал тешки периоди и порази, но никогаш не се случило раководството и центрите на моќ во партијата да добијат ваква шлаканица од членовите. Она што се случи денес не е добро. Вознемирен сум како и голем дел од членството. Но не сум изненаден, пишува на својот фејсбук-профил Јован Деспотовски, кандидат за претседател на партијата.

„Со години наназад, а особено последниов период, членовите се третирани како гласачка машина. Постојано им се сервираат готови решенија.

Доколку се продолжи со продавање на приказната дека во СДСМ работите се однапред решени, дека процесите се однапред креирани од еден центар на моќ, пак ќе се соочиме со истиот одговор, како денес.

Сите оние кои се повикуваа на членството и на ‘базата’ добија шлаканица и јасна порака од тоа членство дека се незадоволни.

Енергијата и тимот кои се мобилизирани околу нашата програма е голема и позитивна.

Точно е тоа дека на СДСМ му треба победнички лидер, а не пазарџија.

Моите противкандидати ја одбија мојата покана да потпишеме изјави дека изборите ќе се базираат на понудените програми, а не на пазарења. Со тоа оставија простор дека трката се креира на друго место, а не кај луѓето.

Во програмата предлагаме да ја вратиме моќта на одлучување кај членовите.

Мораме да имаме процес во кој ќе има победник избран од членовите, а не лидер кој е однапред договорен, без пазарења. А тој победник и таа победа ќе бидат првата победа за Новиот СДСМ.

Клучна реформа која ќе ја воведам како претседател на СДСМ е сите кандидати за партиски и јавни функции, градоначалници, пратеници, кандидати за претседател да се бираат директно од членовите. Така ја враќаме моќта кај членовите. Функционерите да бидат одговорни кон луѓето, не кон централата во Скопје или каде и да е на друго место.

#НовПочетокНовСДСМ

Во изминатите денови ни пристапија стотици луѓе. Кон крајот на изборната трка ќе објавиме програма која е дополнета со сите нивни предлози и размислувања“, реагира Кован Деспотовски, по денешниот дебакл со конгресот на СДСМ.

Џафероски: Делегатите ги третирате како овци

И сѐ додека се служите со ЛАГИ и ја манипулирате јавноста, членството и симпатизерите на СДСМ, дотогаш партијата ќе ја носите во бездна, се огласи на фејсбук поранешниот член на Централниот одбор на СДСМ, Аднан Џафероски.

„Мислите ли дека некој нормален ви верува? Вистинста е дека денес немаше доволен број делегати, исто како и на минатиот конгрес за да одлуките бидат легитимни, и дека одложувањето на активностите се од лукративни причини на раководството во заминување.

Делегатите ги третирате како овци, и барате заменски делегати за да изгледа дека ве има.

Денешната игранка која им ја направивте на делегатите со вклучување на вашите полтрочиња и измеќари со барање за одложуваење на конгресот е класично газење по достоинството на луѓето кои во недела, по екстремни горештини дошле на ‘конгрес’.

Тоа што го кажале вашите ИЗМЕЌАРИ на конгрес, можеа во писмена форма да ви укажат на време дека бараат одложување заради тоа што не знаат да го читаат брзо, вашиот наводно обемен “отчет’, пишуван споро.

Срамота на векот сте ..! Ама ете…!? И тоа се случи… Се одложи КОНГРЕС на СДСМ…! Може ли поголемо ДНО од ова драги мои !?!?“, напиша Џафероски на фејсбук.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ