петок, 26 јули 2024

„Немаме зграда, учиме пред Влада“, протест на професорите и студентите од ФИНКИ

Студентите и раководството на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) денеска го изразија незадоволството од условите за студирање со мирен протест пред Владата, барајќи соодветен простор за работа.

Фото: МИА

Објавено на

часот

Сподели

На протестот под мотото „ФИНКИ нема зграда – учиме пред Влада“, студентите поставија импровизирана училница со цел да привлечат внимание за нерешните  просторни услови.

Деканот на ФИНКИ, професор Боро Јакимовски, информираше дека факултетот има повеќе од 5.000  студенти кои одат на настава во осум различни објекти.

„Изминатите неколку години имаме навистина горлив проблем за организација на наставата. Наставата се одржува во осум различни објекти, се одржува од 8 наутро до 9 навечер. Максимално вложуваме во постојните објекти кои што се наоѓаат во техничкиот кампус за нивна адаптација, бидејќи истите, сепак, припаѓаат на други факултети и имаат потреба од адаптација“, рече Јакимовски.

Според него, отстапувањето на просторот од Бирото за развој на образованието (БРО) е многу едноставно да се направи, додека не се најде трајно решение.

„Ние сме флексибилни максимално изминатите 13 години. Се надевавме на сите ветувања што сите влади ни ги дале. Некои се исполнети, но, секако, сметам дека пред нас имаме најголем факултет во државата кој што ги запишува најдобрите матуранти, тоа се наши деца кои студираат на факултетот и мислам дека треба државата максимално да направи напори да ги подобри условите“, рече деканот на ФИНКИ.

Протестот беше поддржан од Универзитетското студентско собрание на УКИМ и Факултетското студентско собрание на ФИНКИ – официјални студентски тела на УКИМ, како и неформалната организација „Студентска револуција“.

„Протестираме бидејќи бараме нов објект за студентите од ФИНКИ. Тие повеќе години немаат свој објект и немаат каде да ги држат своите предавања, а тоа им претставува потешкотија да се снаоѓаат со простории. Покрај нас тука се и наставниот кадар и професорите од ФИНКИ и сите заедно солидарно протестираме пред оваа Влада за да се изнајде решение за овој проблем“, порача Савче Ѓошева, студентски правобранител и студент на Филозофскиот факултет.

Ѓошева истакна дека доколку Владата не ги сфати сериозно, протестите ќе продолжат и во наредниот период.

Протестот следува по серијата заклучоци донесени од управата на ФИНКИ на седницата одржана на 18 овој месец. Во заклучоците, факултетот побара од Владата да донесе одлука за времено или трајно користење на објектот на катастарска парцела (КП) бр. 1856, картастарска ошштина (КО) Карпош, без надомест, и да го задолжи Министерството за образование и наука да обезбеди соодветен простор и да изврши релокација на Бирото за развој на образование во рок од три месеци.

На ова денеска реагираа од Бирото за развој на образование, од каде што соопштија дека го поддржуваат Факултетот во залагањата да обезбеди соодветни услови за настава и трајно да го реши просторниот проблем, но, дека се против барањата за дислоцирање на Бирото.

Новата зграда која ФИНКИ требаше да ја добие во рамките на Универзитетот Св.Кирил и Методиј почна да се гради во 2015 година, но веќе пет години градежни активности нема. Изведувачот отиде во стечај, а МОН не распишува нов тендер.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ