сабота, 27 јули 2024
Kонференција „Година на европски можности“

Или ќе одиме напред или во изолација, рече Ковачевски, а за Груби Русија е виновна за сѐ

Годинава која започна е година на одлуки – одлука за европски напредок, или изолација. Трето нема, порача премиерот Димитар Ковачевски на отворањето на дводневната годишна конференција „Година на европски можности“ во Скопје. Според првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, безбедносната, енергетската, ценовната криза и инфлацијата, имаат само едно име – Русија и нивната воена агресија врз Украина.

Објавено на

часот

Сподели

Според Ковачевски, Македонија веќе направила „големи инвестиции во иднината на нашата земја и сега воопшто не ни е потребна партиска и политичка поделеност, надмудрувања, лажни ветувања“.

„За нашата држава е многу важно што благодарение на исправните и посветени политики ја вративме демократијата, го вративме дијалогот, дебатата. Во државата веќе подолг период не се шепоти како порано, туку гласно се говори. И за кратко време успеавме да го надоместиме времето на изгубените можности, и да доведеме година на европски можности“, рече Ковачевски.

Денеска, порача Ковачевски, сите имаме одговорност и обврска да направиме кратко потсетување до каде бевме скоро и најважно од сѐ, да се договориме како и колку брзо ќе одиме таму каде што нашите граѓани сакаат да се движиме – таму каде е семејството на модерни и одржливи држави.

„Изминативе скоро три години, ниту најголемите песимисти не можеа да замислат со какви предизвици ќе се соочи Северна Македонија и нашите граѓани, наметнати од глобалните здравствени, безбедносни и економски случувања. И во такви тешки времиња не отстапивме од спроведување на нашите политики засновани на европските вредности и не се откажавме од исполнување на нашите стратешки цели. Со цврста убеденост, работа и посветеност неповратно ја зацврстивме и обезбедивме европската перспектива, поставувајќи на најдобар начин единство на сите најважни работи на една држава и на граѓаните, почит кон минатото, подобра сегашност и извесна и просперитетна иднина“, изјави Ковачевски.

Изминатава година, како и претходните шест, Ковачевски нагласи дека сите препознаа политика на соработка, партнерство и желба за решенија во политиките на Владата, и Македонија, „меѓународно ја позициониравме и ја донесовме пред вратите на ЕУ, бидејќи за сите нас друга алтернатива не постои“.

„Единствено како земја членка на ЕУ, ќе имаме уште поконкурентна, иновативна и отворена економија, економија на човечки капитал, економија на можности и економија на раст и развој. Искрено верувам дека македонските граѓани се за Европската Унија, а ние во овие години покажавме и докажавме дека постапуваме и ја почитуваме волјата на нашите граѓани“, изјави Ковачевски.

За граѓаните, животот во ЕУ, според Ковачевски, не значи карта во еден правец,  не значи иселеничка виза, туку тоа е гаранција  за подобар стандард, за повисоко платени работни места, за европски, модерни, современи и западни вредности, но, тука, дома во Македонија.

Со антикризните мерки, посочи Ковачевски, Владата успеала да го заштити стандардот на граѓаните и ликвидноста на компаниите и со тоа да ги заштити работните места.

Во 2023 година, продолжи Ковачевски, Владата обезбедила историски најголем буџет за земјоделците.

Toj нагласи дека државата, се справила успешно и со енергетската криза и истата ја претворила во можност со ставањето во функција на сите енергетски капацитети кои ги има во државата, се зголемило домашното производство на електрична енергија и ЕСМ обезбедила 100 отсто струја за домаќинствата и за малите потрошувачи со што виталните дејности во државата биле обезбедени.

Како Влада, нагласи Ковачевски, направиле и стратешки исчекори во однос на капиталните инвестиции во патната инфраструктура.

„Коридорите 8 и 10д се убедливо најголемата капитална инвестиција во историјата на нашата земја. Ќе придонесат за побрз развој на економијата, за модернизација на патната инфраструктура и подобро поврзување со нашите соседи, но и со меѓународните коридори. Изминативе 5 години, вложивме преку 1 милијарда евра за изградба и рехабилитација на патишта. Северна Македонија наместо обиколница, станува вистинска крстосница на Балканот“, рече Ковачевски.

Како Влада, подвлече Ковачевски, направиле големи стратешки чекори и нашата држава напредува и ќе продолжи понатаму со одржлив развој, но ќе биде поуспешна и посигурна како членка на ЕУ.

„Со интеграција во ЕУ, платите и пензиите ќе се зголемат меѓу 70-90 проценти, а воедно од нашите странски партнери и инвеститорите ќе добиеме дополнителна доверба, што ќе рефлектира со драстично поголем број на инвестиции во државата. Ако Европската Унија сега има удел од околу 65 отсто од вкупниот број на странски инвестиции, може да претпоставиме колку таа поддршка ќе биде поголема за земја членка на ЕУ“, рече Ковачевски.

Токму оваа 2024 година, според Ковачевски, е клучна година за забрзување на реформите и забрзана интеграција на заедничкиот европски пазар пред целосното членство во ЕУ.

„Немаме право да стоиме во место, уште помалку да се враќаме назад. Немаме право да дозволиме кочничарите да бидат погласни од прогресивните. Немаме право да дозволиме личните да бидат над државните интереси. Немаме право да ги повторуваме грешките на претходниците. И имаме многу право, имаме најмногу обврска да бидеме оптимисти. Да имаме и покажеме внатрешна самодоверба. Да имаме и да покажеме капацитет, знаење, работа, фокус и енергија. Да имаме и да покажеме држава. Бидејќи сето тоа го имаме, и треба конечно да се избориме за граѓаните, за државата, за европска Македонија, за држава која сите ја сакааат и во која сакаат да живеат“, изјави Ковачевски.

Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, на отворањето порача дека од изборите на 11 декември 2016 година и формирањето на владата во јуни 2017 година, ова прогресивно заедништво, се соочувало со многу предизвици.

„Многу предизвици, кои што имаат само едно заедничко име, само еден единствен фактор на потикнување и само еден центар на инспирација, а тоа е Русија. Ако се сеќавате за време на нередите во Собранието имаше еден од руските служби заедно со колега од нашето соседство, кои што ги поттикнуваа тие што протеститраат да влезат и да ги линчуваат пратениците, новоизбраниот претседател на Собранието, мандатарот за нова влада и сите пратеници во прес-центарот“, изјави Груби.

Безбедносната, енергетската, ценовната криза и инфлацијата, според Груби, имаат само едно име – Русија и нивната воена агресија врз Украина.

„Дали има руско влијание во нашите верски заедници? Одговорот пронајдете си го сами. Дали има руско влијание во нашите медиуми? Одговорот, пак си го знаете сами. Дали има руско влијание во невладините организации во нашето општество? И сите знаете дека има руски експоненти и елементи кои што прават сѐ што е можно и во нивна моќ да го нарушат прогресивното парламентарно мнозинство и коалиција која што сака да ја види оваа држава членка на НАТО и ЕУ и во вековно пријателство со Америка. Затоа се обидуваме да го изградиме европскиот фронт на заедништво, на прогресивни сили во државата“, изјави Груби.

На повеќе панел сесии на конференцијата, како што е најавено, ќе се дискутира и ќе се направи пресек на владините политики и мерки преземени во 2023 година, со фокус на евроинтеграциите како клучен процес за 2024 година.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ