петок, 18 октомври 2024
МОН вели учебници има на веб-страната

Нема учебници за средношколците, родителите плаќаат од 50 до 100 евра за принтање и копирање

Изминува вториот месец од почетокот на новата учебна година, а учебниците за учениците во средните училишта сè уште не се комплетирани. Во речиси сите средни училишта недостасуваат учебници, а средношколците учат или од мобилни телефони на кои им се праќаат фотографирани страници од лекциите или ги копираат учебниците и се снаоѓаат. Родителите кои ги контактираше МКД.мк велат дека учебници нема, а за еден учебник во книжарниците се плаќа од 600 до 1.000 денари, во зависност од бројот на страници.

Објавено на

часот

Сподели

Родителка на ученик во средно стручно училиште вели дека досега направиле копии од неколку учебници за кои се платени близу 6.000 денари, бидејќи учебниците се обемни и имаат повеќе од 250 страници, а училиштата не им ги обезбедиле, па мораат да направат верзија за учење, а тоа да не биде од мобилен телефон или компјутер.

Учебници недостасуваат во СУГС „Марија Кири Склодовска“, во СМУГС „Панче Караѓозов“, во дел од гимназиите…

Член 44 од Уставот вели дека секој има право на образование и дека образованието е достапно на секого под еднакви услови, истото е задолжително и бесплатно.

Власта пред почетокот на учебната година вети дека учебници ќе има, а во одговорот што до МКД.мк го испратија, а се однесува на обезбедувањето на учебници, не упатија она што нема да го најдеме, да го искористиме од официјалната веб-страната на МОН.

„Наследена е ситуација во која недостасуваа голем број учебници и во основното и во средното образование и истата е значително подобрена во последните три месеци. Информираме дека во основното образование обезбедени се учебници и наставни материјали по сите предмети по кои недостасуваа, со исклучок на учебниците по странски јазици. Додека во средното образование, навремено се дистрибуирани учебниците до училиштата и тоа за средно гимназиско образование вкупно 139 наслови со вкупен тираж од 59.046 учебници на  јазикот  на кои се изведува наставата во училиштата, а за средно стручно образование,за првпат се испечатени и дистрибуирани до училиштата 92 наслови, за соодветните профили и струки во училиштата и тоа во тираж од 29.903 учебници. Истите овие учебници се поставени на веб страната  https://www.e-ucebnici.mon.gov.mk/ и се достапни во електронска форма. На посочената веб страна поставени се вкупно 1128 наслови кои можат да се користат“, ни одговорија од МОН.

Само годинава Министерството за образование и наука (МОН) склучи договори за јавна набавка на учебници вредна 3,2 милиони евра.

К.Д.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ