среда, 23 октомври 2024

Нема решение за Скопје по средбата на Арсовска со Владата

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, треба до крајот на неделава да состави план што ќе биде презентиран пред советниците во рамки на Советот на Град Скопје, информираше министерот за локана самоуправа, Златко Перински на прес-конференција во Владата по средбата на премиерот Христијан Мицкоски со Арсовска. Тој, меѓу другото, кажа дека на денешниот состанок не слушнале ништо конструктивно од градоначалничката во однос на решавањето на проблемите со Јавното комунално претпријатие (ЈКП) и Јавно сообраќајно претпријатие (ЈСП).

Објавено на

часот

Сподели

„Сега сме уште позагрижени отколку пред да почне состанокот. Нашите очекувања како Влада беа дека од страна на градот ќе слушнеме некаков план или некакви реални потреби кои што ќе можеме ние како Влада да помогнеме за тој план да се реализира. Но, од нивна страна не слушнавме ништо конструктивно“, рече Перински.

Тој дополни дека како генерален заклучок е немањето комуникација помеѓу советничките групи во рамки на Градот Скопје што, како што дополни, е една фаза од препреките за реализација на проектите од страна на градот.

„Затоа градоначалничката предложи до крајот на оваа недела да состави некаков план што ќе биде презентиран пред советниците во рамки на Советот на Град Скопје, иако нашите очекувања не се големи, морам да признам, за жал“, дополни тој.

Министерот Перински рече дека ќе го почекаат предлогот до крајот на неделата и врз основа на тој предлог план ќе носат заклучоци.

На состанокот било констатирани дека најголемиот проблем е во немањето комуникација меѓу советничките групи во Советот на Град Скопје. Сепак, рече Перински, чистењето на сметот не е проблем што зависи од Советот на градот и Владата не може да ја работи работата на Градот и вработените во јавното претпријатие за што земаат и плата.

Тој сподели дека од страна на градоначалничката бил аргументиран и фактот дека од претходната влада немаат исплаќано средства од буџетот за превоз на студентите кон ЈСП, и според нив, тоа е пречката за нормално функционирање на претпријатието.

„Согласно ребалансот, оваа влада го сервисира долгот на јавното претпријатие во делот на кредитната линија за набавка на автобуси. Се надеваме дека ќе имаме конструктивност, ќе имаме разбирање пред сè на вработените во Град Скопје, пред сè во рамките на Советот на Град Скопје, а ние како Влада секако стоиме на располагање за се она што можеме во иднина да помогнеме, ќе помогнеме“, дополни тој.

Во однос на прашањето дали владата понудила некое решение, Перински одговори дека надлежностите на Градот и на градоначалничката се строго утврдени во Закон.

„Ние како Влада немаме ингеренции во делот на собирање и транспортирање на комуналниот отпад. Тоа е нивна ингеренција. Меѓутоа разочарани сме од менаџментот на претпријатијата, а пред сè од менаџментот од Градот. Ние немаме ниту еден заклучок, во каква состојба се наоѓа комунална хигиена сега. Не знаеме со каква механизација, со колку вработени располагаат во моментов. Затоа, мислиме дека е соодветно да го слушнеме планот од страна на Градот пред ние да носиме заклучоци како Влада“, рече тој.

Можноста да му бидат одземени ингеренциите на Градот Скопје, нешто што претходно го спомена премиерот Мицкоски не било тема на разговорите.  Според Перински, тоа нема да ги реши проблемите на скопјани. Тој уште кажа дека нема да се бара оставка на Арсовска, но не ја исклучи можноста како граѓанин да поднесе пријава против неа.

Данела Арсовска беше избрана за градоначалничка на Скопје кон крајот на 2021 година со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ, но по неполна година се скараа поради тендерот за пречистителната станица тежок над 160 милиони евра. Директор на скопски водовод тогаш беше токму сегашниот министер Перински.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ