сабота, 27 јули 2024
Известување од Националниот парк

Нема повеќе слободно движење на ратраци и фрирајд скијање насекаде по Шар Планина

Националниот парк Шар Планина забрани движење со моторни возила-ратраци надвор од дозволените патишта на територијата на паркот, со цел да го заштити природното наследство. Мерката значи и дека нема да може да се практикува фрирајд скијање (слободно скијање, надвор од скијачки патеки) бидејќи најчесто фрирајдерите се носат со ратраци на местата каде сакаат да скијаат. Бизнис апетитите се пораснати па така низ Шар Планина „оперираат“ 27 ратраци

Објавено на

часот

Сподели

„Според планот за управување со Националниот парк Шар Планина, активноста скијање со ратраци е идентификувана како дозволена активност во сите зони, со исклучок на зоната на строга заштита. Сепак, поради движењето на ратраците надвор од регистрираните патишта, направени се оштетувања на високо планинските предели и оваа дејност е означена како една од потенцијално најголемите закани за заштитеното подрачје и неопходно е да се регулира нивното движење“, известуваат од Националниот парк.

Оттаму, појаснуваат дека нашата држава е единствената во Европа, во која може да се практикува скијање со ратраци во Национален парк, или популарно фрирајд скијање.

„Повеќе од една година се обидуваме да најдеме решение, со кое ќе се регулира дејноста скијање со ратрак надвор од скијачкиот центар Попова Шапка. Зборуваме за дејност која на Шар Планина нерегулирано се одвива веќе 15 години, период во кој бизнис апетитите пораснаа, па така од 1-2 ратрака на почетокот, сега се присутни 27 ратраци од кои на дневна основа, 8-10 ратраци пренесуваат туристи многу подлабоко во планината, надвор од скијачкиот центар Попова Шапка“, објаснуваат од ЈУНП Шар Планина.

Во сезоната 2023/2024 година, техничката служба на Националниот парк реализирала преку 60 теренски денови, во кои собрала доволно информации дека оваа дејност не влегува во категоријата на еко-туризам, движењето на овие возила прави трајни оштетувања на природата и видовите при што се загрозува нивниот опстанок, се нагрдува пејзажот и се вознемируваат другите љубители на природата.

„За жал при топењето на снегот, станува повидливо станува дека на високо планинските пасишта на кои се одвива традиционално сточарство, многу површини се изорани, а по искази на овчарите, на местата каде поминале овие машини овците веќе не пасат. За таа цел, во март месец минатата година, се обративме до неколку релевантни институции, а поради недоволно снежна покривка беше донесена одлука за забрана на дејноста“, соопштуваат од  Јавната установа.

Инаку, неодамна Австријка беше тешко повредена за време на скијањето, а групата туристи беше однесена на тешко достапни места со ратраци.

Во 2021 година речиси цела Шар Планина е прогласена за заштитено подрачје од втора категорија, Национален парк, при што заштитата на националните природни богатства е приоритет, а користењето на природата за економски интереси треба да е во согласност со нејзината заштита.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ