петок, 18 октомври 2024

Нема политичка причина за повлекување на измените на Законот за рестриктивни мерки, вели министерот Османи

Министерот за надворешни работи Бујар Османи вечерва изјави дека предлог-законот за измени на Законот за рестриктивни мерки има за цел да обезбеди меѓународен мир, безбедност, демократија и владеење на правото. Тој рече дека истиот не е повлечен од политички туку од административни причини, бидејќи „беше условно донесен и сега новата Влада треба истиот да го потврди“. А, министерот за правда Кренар Лога денеска ја поздрави одлуката на Владата за повлекување на предлог-законот, со оглед на тоа што претходно Министерството за правда даде негативно мислење и укажа на низа законски пропусти во предложеното решение.

Објавено на

часот

Сподели

„Законот е во надлежност на Министерството за надворешни работи, и јас имав можност да презентирам пред јавноста одредени погледи како сметаме дека треба да се направат измените на Законот за рестриктивни мерки. На Влада дополнително се усогласи предлогот и тој беше одобрен од страна на Владата условно, со цел да се направат дополнителни усогласувања со Министерството за правда, што и се случи. Сега бидејќи има нова Влада потребно е новата Влада да го потврди текстот на Законот“, рече вечерва Османи во своето гостување на ТВ 21.

Тој посочи дека Законот за рестриктивни мерки има за цел да обезбеди меѓународен мир, безбедност, демократија и владеење на правото. Но, во целите на Законот додаваат дека се однесува и на борбата против корупцијата, злоупотребата на службената должност и хибридните закани.

„Во сегашното законско решение како основ за воведување на рестриктивни мерки од страна на нашата држава се три основи, тоа се задолжителни резолуции на Советот на безбедност на ОН, акти, правни акти на ЕУ и билатерални акти на други држави но само за тероризам и квалиферација. Сега додаваме дека за овие цели, безбедност, меѓународен мир, борба против корупцијата, злоупотреба на службена должност, како основа за донесување на рестриктивни мерки ги земаме и правните акти на САД и правните акти на Обединетото Кралство, со тоа што понатаму се разглобува која е процедурата за донесување на правните акти“, рече Османи.

Тој додаде дека во актуелното решение како видови рестриктивни мерки се ембарго за оружје, забрана за влез, финансиски мерки. Сега, посочи, се додава покренување на кривична постапка и преземање на мерки за обезбедување.

„Кога ќе има ваков правен акт, МНР, МВР и Јавното обвинителство (ЈО) предлагаат до Владата да донесе одлука и за наши рестриктивни мерки. Ако е за корупција, злоупотреба на службена должност Владата е должна, односно органот што предлага да ги однесе сите факти што ги има собрано од изворот на рестрикцијата до ЈО. Обвинителството е должно да отвори кривична постапка и ако покрене обвинение, и судот го прифати тоа обвинение, тогаш Судот може да донесе привремени мерки за обезбедување – забрана за вршење јавна функција, вклучувајќи и кандидирање на избори и конфискација на имот и други финансиски мерки“, посочи Османи.

Тој рече дека е точно дека Министерството за правда имало негативно мислење за првичното решение, посочувајќи дека мора да има судска одлука, и затоа се направиле дополнителни измени.

А, министерот за правда Кренар Лога денеска ја поздрави одлуката на Владата за повлекување на предлог-законот, со оглед на тоа што претходно Министерството за правда даде негативно мислење и укажа на низа законски пропусти во предложеното решение.

Од Министерството посочуваат дека предложеното дополнување на наведениот Закон со кое би можеле да се воведуваат, изменуваат и престануваат рестриктивните мерки врз основа на „правни акти на САД и правни акти на Обединетото Кралство“ беше во спротивност со уставниот поредок и суверенитетот на Македонија.

Министерството за правда смета дека воведувањето на рестриктивни мерки со одлука на Владата врз основа на сомневање, не е во согласност со Уставот и со системот на казненото право воопшто.

Владата вчера соопшти дека предлогот за измени на Законот за рестриктивни мерки е повлечен од собраниска процедура поради административни причини и додаде дека тој се очекува да се најде на дневен ред на следната владина седница на која треба да биде дадено ново одобрение.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ