сабота, 27 јули 2024

Нема пазарна логика да се приватизира ЕСМ, тврди Бислимовски

Со приклучувањето на ТЕЦ Неготино кон ЕСМ е исправена грешка која што била направена при преструктуирањето на Електро стопанство на Македонија (ЕСМ) во 2004 година, смета претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски и вели дека нема пазарна логика ЕСМ да се продава.

Објавено на

часот

Сподели

„Сите производни капацитети на тогашната ЕСМ припаднаа во новоформираната компанија ЕЛЕМ, единствено остана ТЕЦ Неготино надвор од целта приказна. Тоа најверојатно тогаш е направено за ТЕЦ Неготино, бидејќи беше предмет на продажба, имаше еден обид во 2006, имаше еден обид и во 2008 година. Сега вака е многу поправилно затоа што сите производни единици се внатре во рамките на ЕЛЕМ така што ова е во насока на зголемување на ефикасноста на работењето на ЕСМ, особено на ТЕЦ Неготино затоа што иако тоа не е драматичен трошок сега повеќе ќе нема Управен одбор, ќе нема Надзорен одбор исто така и одредени други трошоци коишто биле поврзани со самото работење на ТЕЦ Неготино ќе ги нема“, рече Бислимоски прашан за коментар дали приклучувањето на ТЕЦ Неготино е за да се зголеми продажната цена на ЕСМ.

Според него, нема пазарна логика да се приватизира ЕСМ.

„Не верувам дека воопшто некој странски инвеститор би бил заинтересиран да го купи ТЕЦ Неготино или термоелектрана во Битола во услови кога трошоците за производство на електрична енергија се високи и имаме цени коишто се повисоки од пазарните. Не верувам дека некој странски инвеститор би сакал да купи термоелектрани коишто се при крај на животниот век или, пак, термоелектрана на мазут која што очигледно во изминативе 40 години работела најмногу една година во тој цел изминат период. Така што, нема пазарна логика да се случи тоа“, рече Бислимоски.

А за да може да работи и да функционира системот за електрична енергија мора да има и базна енергија и заради тоа термоелектраните мора да работат и покрај трендот на префрлање од регулиран на слободен пазар иако во изминатиот период цената на берзата во одредени часови е пониска отколку што е производната цена на термоелектраните во Битола, вели Бислимоски.

„Тоа е проблем на којшто мора да се работи и мора да се решава на некој начин, но за жал, во Македонија почна да се увезува јаглен и не можеме да очекуваме дека цената на електричната енергија произведена од РЕК Битола со увезен јаглен ќе биде далеку пониска како што било во изминатиот период. Заради тоа, во овој период имаме тренд на мали потрошувачи, коишто биле снабдувани од универзалниот снабдувач и сега гледајќи ги пазарните услови на пазарот, поголем дел од нив се префрлаат и одат на слободниот пазар на електрична енергија“, рече Бислимоски во одговор на прашање на денешната прес-конференција.

Прецизира дека во ноември околу 3.500 мали потрошувачи од регулиран преминале на слободен пазар, во декември околу 3.700, во јануари околу 4.800, а во февруари околу 5.300.

„Овие потрошувачи гледаат дека цената на слободниот пазар паѓа, исто како што беше и во 2019 година кога го искористија тоа право да одат на слободен пазар и да ги обезбедат потребите од електрична енергија по цени коишто за нив се поповолни и тоа го прават и сега, но за жал со започнувањето на енергетската криза од средината на 2021 година најголем дел од нив се вратија на регулираниот пазар на електрична енергија“, рече Бислимовски.

Тој очекува префрлањето од регулиран на слободен пазар во наредниот период да се зголеми уште повеќе.

ЕСМ како државна компанија, додаде, тоа што може да го даде ќе го дава и треба да се сконцентрираме на прв, втор и трет блок.

„Одењето на дел од потрошувачите на слободен пазар позитивно влијае на работењето на ЕСМ бидејќи на ЕСМ на тој начин му се ослободуваат количини на електрична енергија коишто би можел да ги продава на слободниот пазар по цена што е повисока од 58 евра за мегават час по која ја дава на универзалниот снабдувач“, рече Бислимоски.

А од Министерството за економија денеска соопштија дека ЕСМ набави опрема за оптимизација на производството во РЕК Битола.

Опремата е набавена од чешкиот производител Енелекс, а со оваа опрема треба да се оптимизира работењето на РЕК Битола и во делот на ископаниот јаглен и во делот на производстовото на електрична енергија.

„Овој нов систем ќе придонесе за максимално искористување на ресурсите што ги имаме на располагање во процесот на производство на електрична енергија“, потенцирал министерот за економија, Крешник Бектеши на примопредавањето на опремата во округот на РЕК Битола.

Директорот на РЕК Битола Пеце Матевски објаснил дека новиот систем се состои од 14 автоматски единици поставени и на багери за ископ и на транспортни траки за транспорт.

„Овие едниници во реално време земаат примероци од јаглените што се ископуваат и транспортираат од рудниците Суводол и Брод Гнеотино. Во исто време како што се земаат примероците се анализира квалитетот на јагленот и податоците се праќаат во софтвер кој го следат стручни лица и одлучуваат колку количини од кој јаглен ќе се измешаат за да се постигне највисока калорична вредност на јагленот, а со тоа и ќе се произведе максимално количество на електрична енергија“, рекол Матевски.

Домашното производство покрило 76,4 отсто од потрошената струја во јануари

Според податоците на Државниот завод за статистика, во јануари годинава во земјава се потрошени 777 650 мегават часови електрична енергија, 44.243 милиони метри кубни природен гас, 397.123 тони јаглен и 80.929 тони нафтени продукти.

Бруто-домашното производство на електрична енергија учествува со 76.4 отсто во бруто-домашната потрошувачка на електрична енергија, додека 99.4 отсто од вкупната потрошувачка на јаглен се употребени за производство на електрична енергија.

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ