петок, 26 јули 2024
Единствен став на ЕУ и македонската официјална политика

Нема компромиси околу безбедноста на воздушниот простор

Назначувањата во јавните институции треба да се прават врз основа на заслуга, тоа значи – квалификација, вештини, искуство, а не врз основа на припадност на партија или некои лични врски затоа ги повикуваме властите да ги истражат различните тврдења за надворешните политички влијанија и да делуваат во однос на резултатите од тие истраги, порача денеска евроамбасадорот Дејвид Гир, а по насилниот упад во Македонска навигација (М-НАВ). Министерката за одбрана Славјанка Петровска потврди дека имало реакција од НАТО во однос на случувањата во М-НАВ, а премиерот Димитар Ковачевски изјави дека за нов директор на ова акционерско друштво (АД) имало повеќе кандидати.

Објавено на

часот

Сподели

Евроамбасадорот Гир истакна дека за Македонија постојат обврски кога станува збор за воздушната навигација и обврските кон Европската унија во поглед на имплементирањето на тие обврски.

„Тука се вклучува гарантирањето на независноста на телото кое што е одговорно за воздушната навигација, а второто се однесува во поглед на регрутирањето и ангажирањето дека се исполнети правните прашања и оти човечките ресурси се користат на начин што ќе ја гарантира безбедноста, исплатливоста и ефикасноста на самата служба за водушна навигација“, рече амбасадорот Гир одговорајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Министерството за одбрана.

Прашан како ја коментира одлуката на судот, да не им изрече мерка притвор на инволвираните во упадот во М-НАВ, рече дека јасни се обврските на државата во однос на овој систем кој е дел од критичната инфраструктура.

„Обично како амбасадор немам обичај да коментирам одлуки на суд, меѓутоа сметам дека јасно кажавме кои се обврските по однос на гаранцијата на заштитата на овој систем, но не само на овој туку и на системите од критичната инфаструктура“, рече Гир.

Министерката за одбрана Славјанка Петровска потврди дека имало реакција од НАТО во однос на случувањата во М-НАВ но не во форма на официјална писмена реакција.

„Кога зборуваме за НАТО да не заборавиме дека и ние сме во НАТО. Комуникацијата која ја имаме на секојдневна основа, но на различни нивоа, дека биле поставувани прашања во рамки на тоа што се случува асполутно, да. Официјална писмена реакција, барем до Министерството за одбрана нема. Меѓутоа, секој вид на комуникација ние го сметаме можеби не за загриженост, туку за заинтересираност за тоа што се случува што е сосема легитимно. Во тој момент на тој ден, на аеродромот во Скопје слетаа два авиона од НАТО-земји членки со определна намена“, рече денеска Петровска одговорајќи на новинарско прашање.

Таа кажа дека во ниту една институција, особено не во оние кои се дел од критичната инфраструктура недозволиво е да се случува тоа што се случи во М-НАВ. Затоа, вели Петровска бил поднесен предлогот за разрешување на директорите.

Во однос на коментарите на судот, односно одлуките кои ги донесоа за изрекување мерки на претпазливост на инволвираните во инцидентот во М-НАВ таа кажа дека не се согласува со нив.

-Лично јас не се сложувам и мислам дека ќе треба да си ја преиспитаат одлуката. Не сакам апсолутно да влијаам на одлуките од позиција на министер за одбрана, меѓутоа  целата оваа ситуација ќе треба посериозно да ја сфатат“, рече Петровска, која одговараше на прашања по потпишувањето на Меморандумот за разбирање за поддршката од девет милиони евра од Европскиот мировен фонд за потребите на Армијата.

Таа упати апел до синдикатот во М-НАВ, но и до сите синдикати да се залагаат за решавање на проблемите без нивна политизација, а политичките партии да не ги злоупотребуваат синдикатите.

Премиерот Димитар Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања за смената на директори во Македонска навигација (М-НАВ) вчера на владина седница, рече дека имало повеќе кандидати, а не само двајца, откако прво беше споменато името на поранешниот директор на АЦВ Илир Мехмеди па потоа тој предлог беше повлечен и на негово место предложен Хекуран Асани, бидејќи како што наведоа од Влада, Мехмеди не ги исполнувал условите за функцијата.

„Имаше повеќе кандидати, не беа само двајца кандидати, кои беа предложени и разгледувани од страна на Владата, беше земен предвид и Статутот на М-НАВ и врз основа на тоа двајца кандидати беа издвоени со што едниот веќе бил во М-НАВ, потоа бил во Агенција за цивилно воздухопловство, меѓутоа се испостави дека согласно со Статутот на М-НАВ мора да биде контролор на летање“, рече Ковачевски.

Кандидатот којшто е избран, додаде премиерот, од стручната фела беше оценет како квалитетен, тој има веќе 25-годишно искуство во таа бранша.

Според Ковачевски, со М-НАВ треба посериозно да се позанимава не само Владата, туку и Еуроконтрол бидејќи, потсети, тие се во системот на Еуроконтрол и нивното финансирање е оттаму.

„Таму има неколку аспекти коишто треба да се анализираат и во дел во којшто треба да се интервенира. Прво, сметам дека таа фирма е станата како семејна фирма, бидејќи кога ќе погледнете има до трето колено вработени. Сметам дека треба да се испитаат и начинот на којшто ги прават конкурсите, начинот и критериуми на селекција на кандидати итн., да не се случи некој кандидат да добива готови тестови бидејќи премногу ‘случајности’ има во таа организација, кои имплицираат дека можеби и не се толку случајни“, оценува Ковачевски.

Во однос на тоа дека има гласини дека новиот кандидат е внук на лидерот на ДУИ Али Ахмети, Ковачевски вели дека не знае чиј внук е и оти е 25 години контролор на летање.

На новинарско прашање која е целта да се врши надзор на Синдикатот од страна на Трудовиот инспекторат, Ковачевски вели дека тоа не претставува никаков притисок врз синдикатите.

„Апсолутно не е притисок врз синдикатите, бидејќи законска можност е да се врши вонреден надзор и надзор на работењето врз синдикатите во делот на надлежностите што ги спроведува, дали излегуваат од своите надлежности“, рече Ковачевски.

Надзорниот одбор во националниот давател за воздухопловни услуги М-НАВ се очекува да го официјализира разрешувањето на претседателот на УО Фахрудин Хамиди и секторскиот изврешн директор Љубе Стаменковски и на нивно место да ги именува Хекуран Асани и Милан Кораќ, по насоките што ги доби вчера од Владата, а по упадот во институцијата од 4-ти овој месец.

Одлуките на Владата го одложи штрајкот што го најави за денеска Струковиот синдикат на контроори на летање, кој ја стави во мирување одлуката со која требаше да се затвори воздушниот простор. Основниот кривичен суд Скопје, пак, од денеска треба да одлучува за жалбата на Јавното обвинителство во однос на одлуката да не го прифати барањето за притвор за четворицата осомничени во врска со упадот во М-НАВ. 

 

 

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ